3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски-Шаохуа: Ќе работиме на привлекување инвестиции и туристи од Гвангдонг

Груевски-Шаохуа: Ќе работиме на привлекување инвестиции и туристи од Гвангдонг

E152672741924C221C9390303E3BEC8E

Заложби за интензивирање, продлабочување и унапредување на економската соработка во повеќе полиња од заеднички интерес меѓу Република Македонија и провинцијата Гвангдонг, економски најбрзорастечки регион во Народна Република Кина, изразиле на денешната средба во градот Гвангжу премиерот Никола Груевски и Шу Шаохуа вицегувернер на провинцијата.

Како што соопшти владината прес-служба, особено беше акцентирана можноста за реализација на инвестиции од Народна Република Кина во Македонија, за соработка во областа на туризмот преку аранжмани на кинески туристи во Република Македонија и можноста за извоз на македонски земјоделски производи во провинцијата Гвангдонг.

Беше истакната силна политичка поддршка за реализација на овие цели и охрабрување од двете страни кон економските субјекти за воспоставување соработка на конкретни проекти.

Премиерот Груевски ги претстави поволностите кои земјата ги овозможува за странските инвеститори за водење бизнис во нашата земја, нискиот даночен пакет, способната и едуцирана работна сила, и поволностите кои се нудат во технолошко-индустриските развојни зони. Тој иницираше и теми за соработка во областа на извозот на македонски земјоделски продукти во Гвангдонг.

„Се работи за економски многу силна провинција, во која што има многу развиен бизнис, многу компании, многу пари, многу инвеститори и многу можности за инвестирање во Македонија. Беше важно да се сретнеме со властите бидејќи значајна е нивната поддршка и порака, и ми беше задоволство што практично сите теми кои ги отворив со властите наидоа на добар прием и на уверување дека ќе ја дадат нивната целосна поддршка и сигнал до компаниите да инвестираат во Република Македонија“, рече премиерот Груевски по средбата.

Со властите, додаде, се договориле стручни тимови од двете страни да продолжат да работат на деталите на соработката.

„Кога се даде политичката поддршка, сега е потребно претставници од двете страни да ги разработат деталите, да ги прецизираат и да почне нивно спроведување“, изјави премиерот Груевски.

Како што е посочено, стручни тимови од двете страни во идниот период треба да отпочнат со работа на дефинирање на полињата и процедурите на соработка, можноста за остварување засилена трговска размена помеѓу двете страни и разгледување на конкретни проекти за имплементација.

Вицегувернерот Шаохуа позитивно ја оцени посетата на македонската владина делегација на Гвангдонг, како можност да се претстават опциите за соработка. Средбата ја окарактеризира за продуктивна и успешна, и давајќи позитивна оценка за иницираните теми од македонска страна, истакна дека политичките претставници ќе дадат поддршка и преку личен ангажман во насока на охрабрување и поттикнување на кинеските бизнисмени за воспоставување на соработка со Македонија.

„Прво, ќе охрабруваме што повеќе претприемачи од Гвангдонг да ја посетат Македонија, поточно технолошко-индустриските развојни зони во Македонија. Сакаме да ги охрабриме да отворат бизнис или фабрики таму. Второ, ќе охрабруваме што повеќе туристи да ја посетат Македонија и преку Македонија да ја посетат и Европа. Во иднина сакаме и да увезуваме што повеќе земјоделски производи од Македонија, како месо и овошје. Ние имаме отворен пазар на кој македонските компании можат да влезат“, изјави вицегувернерот Шаохуа по средбата.

Двете страни разговараа за можностите за соработка и на полето на образованието преку стипендирање и размена на студенти за студии на универзитети од двете земји.

Беше дадена и позитивна оценка за соработката во областа на медицината за што во наредниот период треба да се прецизираат конкретните модалитети.

Гвангдонг има надворешно трговска размена од еден трилион долари во минатата година, и бруто домашен производ во вредност од над еден трилион долари. Во провинцијата живеат 106 милиони жители, а нејзин главен град е Гвангжоу, во кој живеат околу 10 милиони жители. Трговската размена помеѓу Македонија и Гвангдонг, пак, изнесува 20 милиони долари и постои можност за нејзино надградување и по обем и по квалитет.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП