„Audi“ планира до 2020-та на купувачите да им понуди „plug-in“ хибридни верзии на сите најважни модели од својата гама.
Шефот на одделението за истражување и развој, Улрих Хакенберг, изјави дека оваа компанија паралелно работи на две фамилии на хибридни модели, едната од автомобилите кои се базирани на „MQB“, а другата за возила кои ја користат поголемата „MLB Evo“ платформа.
Претставникот на првата група хибриди, „Audi A3 e-tron“ неодамна започна да се продава. Станува збор за модел кој имаше премиера на авто-саемот во Женева во 2013-та.
Хибридниот погонски систем на овој автомобил се состои од паралелно поставен 1.4-литарски „TSI“ бензинец кој развива 150 ks и електромотор кој произведува 75 kW/102 ks. Најголемата комбинирана моќ на двете погонски единици изнесува 204 ks, a максималниот вртежен момент е 350 Nm.
Во „Audi“ тврдат дека овој автомобил е во состојба во комбиниран режим на возење да ја намали потрошувачката на само 1,5 l/100 km, a емисијата на јаглен-диоксид на 35 g/km. Возачот може да бира дали автомобилот ќе го вози во хибриден, бензински или електричен режим.
Кога за погон се користи само електромотор, „Audi e-tron“ може да постигне максимална брзина од 130 km/h, a дометот изнесува 50 km.
Што се однесува до хибридите на „Audi“ кои ја користат „MLB“ платформата, тие ќе имаат слична конфигурација на погонски систем. Електромоторот ќе се наоѓа меѓу бензинскиот мотор и менувачот, а моќта ќе се пренесува на предните тркала. Хакенберг најави дека можно е хибридните модели да бидат понудени и со „quattro“ погон.