20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕдинствено грчката ППЦ достави понуда за изградба на ХЕЦ „Чебрен“

Единствено грчката ППЦ достави понуда за изградба на ХЕЦ „Чебрен“

ponuda ppc

Грчката Паблик Пауер Корпорејшн – ППЦ (Public Power Corporation) е единствената компанија која достави понуда на тендерот за доделување концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични центарали на Црна Река.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека е во тек фазата на евалуација на доставените понуди што беа отворени на 30 јуни, а во најкраток можен рок Владата ќе донесе одлука дали понудувачот ги исполнува утврдените услови.

Првично 11. тендер за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични центарали на Црна Река требаше да заврши на 16 април годинава, но беше одложен на барање на компаниите кои подигнаа тендерска документација. Овој јавен повик, објавен на почетокот на годинава, сега се однесува само за изградба на хидроелектраната ХЕЦ „Чебрен“ што се предвидува да трае седум години и да чини околу 300 милиони евра. Во првите 10 јавни повици таа одеше во пакет со ХЕЦ „Галиште“, а на евентуалниот изведувач му се нудеше да ја добие на користење и постојната ХЕЦ „Ткивеш“ како дел од уделот на АД „ЕЛЕМ“.

Покрај тоа, во последниот јавен повик се внесоа и низа измени за ХЕЦ „Чебрен“ и се предвиде флексибилност за висината на браната, која може да е меѓу 182,5 и 192,5 метри.

Отстапки има и во уделот кој државата, преку ЕЛЕМ, ќе го има во партнерската фирма со инвеститорот. Од идниот инвеститор се бараат најмалку 35, наместо претходните 39 проценти учество во заедничката фирма. ХЕЦ „Тиквеш“ ќе му се отстапи на концесионерот по три месеци од потпишувањето на договорот за концесија, а цената за преносот на струјата која ќе се плаќа на МЕПСО ќе биде фиксна и ќе изнесува 4,4 евра по мегават час и ќе важи за целиот концесиски период.

Според Министерството за животна средина и просторно планирање, измените беа баланс меѓу потребите на државата и барањата на концесионерите, а како гаранција за успешноста на тендерот Владата ја ангажираше ИФЦ, групација на Светска банка.

Додека ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“ се нудеа во пакет покрај ППЦ интерес покажаа „РВЕ“, „ЕВН“, „Енел“, „Штрабаг“, „Вербунд“, „Старткрафт“, „ЦВЕ“, „Балкан енерџи груп“ и грчката државна компанија за дистрибуција на струја, ДЕИ, но ни една не достави конечна понуда.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП