1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски компании на интернационалниот саем „Фенси фуд“ во Њујорк

Македонски компании на интернационалниот саем „Фенси фуд“ во Њујорк

fancy-food-show-

Осум македонски компании деновиве во Њујорк го претставуваат домашниот преработувачки сектор на еден од најзначајните интернационални саеми за храна во светот „Фенси фуд“.

„Фенси фуд“ е најголемиот саем за храна и пијалаци што се одржува секоја година во Северна Америка од 29 јуни до 1 јули. Се претставуваат 40.000 изложувачи од 80 земји со вкупно 260.000 видови прехранбени производи.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, саемот претставува можност американските трговци и потрошувачи да се запознаат со македонските прехранбени производи и да отворат простор за нив во малопродажните места.

Штандот на Македонија зафаќа 70 метри квадратни површина и е сместен на одлична позиција во централниот дел на приземјето на саемот, веднаш до националните штандови на Канада, Холандија и Велика Британија. На него, покрај македонскиот традиционален ајвар, изложени се и разни преработки од овошје и зеленчук со можност да се дегустираат.

„Интересот за нашите производи е огромен. Посетителите се пријатно изненадени од вкусот на македонските производи, така што на нашите компании им е овозможена одлична можност за освојување на американскиот пазар“, наведува Министерството.

За успешен настап и успешно претставување на македонските компании се погрижи Министерството за земјоделство во соработка со конзулот на РМ во Њујорк Гоце Карајанов и Македонската асоцијација на преработувачи (МАП). Учеството на саемот е овозможено со финансиски средства што ги обезбеди Владата наменети за промоција на македонското извозно земјоделско производство на светските реномирани саеми за храна и вино.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП