13 октомври, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМИОА подготвува нова стратегија за развој на ИКТ областа

МИОА подготвува нова стратегија за развој на ИКТ областа

ivo it2

Развој на ИКТ индустријата на база сопствени продукти и иновации, продуцирање ИТ кадар соодветен на потребите на компаниите, организирање на системите во клауд, отвореност на податоците за граѓаните и услуги за нив со информацијата во центарот.

Тоа ќе биде во фокусот на краткорочната и долгорочната стратегиja за развој на ИКТ во Македонија, чии основи од денеска ги утврдува министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски со претставници на академскиот, граѓанскиот и приватниот сектор.

Краткорочната стратегија, како акциски план, ќе биде водилка за компаниите и државата во наредните две години, а долгорочната ќе ги постави основите за развој на областа до 2020 година.

„Сакаме да направиме систем на услуги каде што информацијата е во центарот, а не како што е во денешно време сите услуги што се прават според технологијата. Во нашата програма на МИОА предлозите и проектите се со информацијата во центарот, а врз база на таа информација секој граѓанин да може да добие услуга која ќе биде креирана според неговите протреби“, изјави министерот Ивановски.

Краткорочната стратегија, најави, ќе се фокусира на капацитетите кои излегуваат од академскиот сектор, имајќи предвид дека има голем интерес од странски компании во државата за квалитетен ИКТ кадар.

„Ќе се фокусираме на производство на тој кадар онолку колку што е возможно временски и дополнително да се запознаат самите компании кои се проектите на Министерството и на Владата што ќе следат по тој период за тие да имаат време да се трансформираат. Глобализацијата го прави своето и потребно е нашите компании да го сменат начинот на работа и да се фокусираат на додадена вредност на услуги, на развој на софтвер“, рече Ивановски, истакнувајќи дека во таа насока веќе има големо раздвижување, односно компаниите кои беа фокусирани само на продажба на хардвер веќе се транформираат.

Ивановски апелира во креирањето на стратегијата да се вклучат сите што можат да придонесат за развој на областа. За предлозите ќе се дискутира на јавни расправи, по што стратешките документи ќе бидат испратени на одобрување од Владата и Собранието.

Само Огненовски, претседател на ИКТ комората при Сојузот на стопански комори истакна дека на првиот состанок е отворено прашањето за организирањето на системите во клауд и во која насока треба да се одвиваат.

„ЕУ веќе почнува со дефинирање на нештата и работењето во клауд системот, сметаме дека и РМ како држава треба да се вклучи во еден ваков систем. Тоа е само еден од инструментите што ќе ги вметнеме во стратегијата“, рече Огненовски.

Според деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов, стратегијата е добра можност за примена на она што го работат факултетите во истражувачките центри, а со тоа и долгорочно развој со конкурентна ИТ индустрија.

„Една од работите кои секако мора да го добие своето место во Стратегијата е ИТ индустријата да се поттикне повеќе кон иновации и претприемништво и да се градат сопствени продукти, односно да се поттикне тој дел од размислувањето кај младите“, нагласи Трајанов.

Миле Станкоски, декан на ФЕИТ, посочи дека прават напори во стратегијата да го вметат прашањето какви инжинери треба да излегуваат од факултетите бидејќи, како што рече, во последно време има разногласие помеѓу мислењата на универзитетите и компаниите.

„Ова е една добра прилика заедно со компаниите да видиме како да ги образуваме нашите инжинери и какви да бидат нашите студиски програми. Секако ќе се водиме од и светските искуства во оваа облст,но ќе ги слушнеме и мислењата на компаните колку и што треба да знаат инжинерите кога ќе излезат од нашите факултети“, изјави Станковски.

Покренато е и прашањето за примената на ИКТ технологиите во индустријата.

„Се согласивме дека стратегијата треба да даде одговор на прашањето како и колку и како треба да оди Македонија со примена на овие технологии во индустријата бидејќи тоа е битно за странските компании коишто градат фабрики во Македонија за да имаат соодветни инжинери од оваа област“, рече Станковски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП