4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоловина од богатството на египетскиот претседател за помош на економијата

Половина од богатството на египетскиот претседател за помош на економијата

50180399153a9c79befaf0390851864_640x477

Египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси изјави дека една половина од личното богатство и една половина од неговите месечни приходи ќе ги донира за овозможување на помош на проблематичната економија на земјата, и истовремено ги повика и египетските граѓани и тие да се жртвуваат за египетската економија.

Ал Сиси, исто така, изјави дека од египетската влада ќе побара измена на неодамна изработениот буџет – кој со сума од 115 милијарди долари е најголемиот во историјата на Египет, поради, како што наведе тој, неприфатливо високиот дефицит од 12 проценти од бруто домашниот производ (БДП), пренесува агенцијата АП.

Со предложениот буџет предвидени се и големи суми на пари за државни субвенции, како и за социјална и пензиска потрошувачка, поради што, Ал Сиси побара од владата измена на предлог буџетот.

Според него, државата мора да преземе сериозни мерки за борба против високиот дефицит и другите економски предизвици.

Египетскиот претседател порача дека помошта од земјите од Персискиот Залив доделена на Египет во изминатите месеци, во вредност од околу 20 милијарди долари, нема уште долго да трае, поради што и граѓаните ќе мора да се жртвуваат за спас на економијата.

Со цел да даде пример, Ал Сиси, изјави дека ќе донира половина од своето лично богатство и половина од месечните приходи кои изнесуваат 6.000 долари.

„Тоа се премногу пари за мене, и поради тоа јас ќе земам само половина од нив. Постојат уште многу нешта кои можам да ги направам. Ќе се откажам и од една половина од богатство кое го поседувам, вклучувајќи го и она кое го наследив од мојот татко, за доброто на државата“, заклучи Ал Сиси.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП