Американскиот и германскиот министер за финансии Џек Лу и Волфганг Шојбле повикаа на поттикнување на инвестициите на двете страни на Атлантикот со цел да се стимулира економскиот раст.
„Повеќе може да биде направено и во САД и во Европа со цел да се зајакне растот и да се отворат нови работни места, особено по пат на поттикнување на јавните и приватни инвестиции. Поголемите инвестиции ќе ја поттикнат неопходната побарувачка, но и ќе ги поддржат долгорочните перспективи за раст“, изјави Лу, за време на заедничката конференција за новинарите со колегата Шојбле во Берлин.
Според Шојбле, инвестициите не треба да бидат само државни, туку и приватни, особено во долгорочните инфраструктурни проекти, пренесува агенцијата Франс прес.
И двајцата ја нагласија важноста за потпишувањето на трансатлантскиот договор за слободна трговија меѓу Европската унија и САД.
За време на јануарската посета на Берлин, Лу ја повика Германија да ја поттикне домашната побарувачка со цел да се овозможи поттик за оживување на растот во цела Европа. Тој и денес повторно го постави тоа прашање, наведувајќи дека и понатака верува дека побарувачката е проблем во целиот свет, но и дека преземените мерки за нејзино поттикнување ќе бидат од голема корист.