10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДомашните компании да имаат предност над странските, едно од барањата на ССК

Домашните компании да имаат предност над странските, едно од барањата на ССК

ssk45

Домашните инвеститори да имаат предност над странските, да се креираат посебни мерки за решавање на проблемот со неликвидноста, државните органи да плаќаат побрзо, за максимум 60 дена, да се усогласи монетарната политика, а власта да не се задолжува на домашниот пазар, туку ако и се потребни средства за работа да се задолжи на странските пазари со цел парите на банките да се пласираат во корпорациите зашто има недостиг на инвестициски и обртни средства.

Ова, како што изјави денеска кандидатот за претседател и актуелен заменик претседател на Сојузот на стопански комори (ССК) Мирче Чекреџи, се само дел од предлозите на бизнис секторот за подобрување на состојбите во македонската економија.

Чекреџи сугерира принцип на јавно-приватно партнерство и влез на Владата во некои извозно-ориентирани компании.

По наша оценка странските инвеститори имаат предност во однос на домашните. Добро, на Македонија и треба странска акумулација за да почне некаков економски циклус и тоа сигурно не се погрешни потези. Но сега, да најдеме решение и за домашниот инвеститор. Имаме повеќе предлози, може и јавно-приватно партнерство. Зошто Владата не би учествувала во некои компании кои се извозно ориентирани, нека биде малцински партнер, но нека учествува. Такви примери има во Кина, Јапонија,…, рече Чекреџи.

Според него, прогнозите за економскиот раст треба да бидат похрабри, со проекции до 6 отсто.

Ако Бруто нациналниот доход не почне да расне со шест отсто на годишно ниво, Македонија нема шанси да го намали јазот во споредба со останатите европски земји. Мораме да најдеме решение како да испорачаме шест проценти раст, дури и двоцифрени. Тука одговорностите се поделени, Владата треба да направи амбиент за работа, да обезбеди еднакви услови за сите, евтини финансии и транспарентност, но поголемата одговорност е на приватните корпорации. Тие треба да го испорчаат економскиот раст, нема друго решение, посочи Чекреџи.

Прашањето за буџетскиот дефицит е сложено. Како што напомена, може да се оди со поголем дефицит ако инвестициите од тие пари се намети за капитални развојни вложувања како транспорт, железница, далекуводи, произодство на енергија. Во тој случај сигурно ќе има извори од каде да се врати. Опасно е ако буџетски дефицит се прави за тековни трошоци, за социјални трансфери…

Нашата економија има многу болки, но ние како глас на еснафот треба да ги лоцираме и да преговораме со Владата за да ги решиме. Со соработка да се избориме за еснафските потреби, да можеме да влијаеме на регулативата, финансиските текови, банките, кредитните линии, висините на казните,… Има голем корпус на прашања за кои можеме да разговараме со институциите. Оваа владина гарнирута има отворени врати за ССК. Ако не сме успеале да решиме многу од нашите проблеми, голем дел од одговорноста е во коморите, потенцира кандидатот за претседател на Сојузот.

Чекреџи смета и дека е неопходно да се преговара со синдикатите на дневна основа зашто пазарот на работна сила е речиси задушен. – Односите со работната сила треба да базираат на договор. Усогласувајќи се со европското законодавство, Македонија направи многу ригидни закони за работната сила. Треба да се залагаме за поголема слобода, но тоа не можеме сами со Владата, мора да се вклучи и Синдикатот, порача Чекреџи.

Вториот канидат за претседател на ССК е Даниела Арсовска, претседател на Услужната комора при ССК. Ако биде избрана, таа, како што изјави, ќе се залага за организациски развој на Сојузот, економски раст на компаниите, нивно институционално и вонинституционално помагање, иницирани законски измени и двојно зголемување на бројот на членството.

Минатата година, за 12 месеци Услужната комора успеа двојно да го зголеми бројот на членови. Се надевам дека овој успех ќе го постигнеме и на ниво на Сојузот, нагласи Арсовска.

На прашањето како ја оценува економската состојба во државата, одговори дека економскиот раст на компаниите е различен зависно дали се работи за микро, мали или средни претпријатија, а сите тие имаат индивидуални и генерални проблеми.

Претседателот што денеска го бира Собранието на Сојузот на стопанските комори ќе дојде на местото на досегашниот Златко Калеников кој функцијата ја извршуваше 5,5 години. Развој на гранските комори и групации треба да биде приоритет на новиот претседател на ССК, порача Калеников.

Сојузот брои 8 стопански комори, 19 групации и преку 1.000 членки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП