29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБродска линија Охрид-Поградец

Бродска линија Охрид-Поградец

ohrid podgradec

Бродска линија на релацијата Охрид – Поградец е воспoставена денеска. По означувањето на стартот на промотивното пловење од Охрид до Поградец присуствуваа министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, кои на пристаништето во Поградец беа пречекани од албанските колеги, министерот за транспорт и инфраструктура Едмонд Хаџинасто и градоначалникот на Поградец, Артан Шкембиј.

Јанакиески истакна дека оваа линија се воспоставува со огромен напор меѓу министерствата на двете држави.

Ова, според него, е дополнителен сигнал за добрососедските односи меѓу Македонија и Албанија, што ќе значи зголемување на понудата во делот на туризмот во Охрид и во Поградец.

„Оваа пригода ја користам да ги повикам туристичките работници од двете земји да ја искористат оваа линија за да привлечат дополнителен број туристи во двата града. Во текот на сезоната, ги повикувам сите туристи што ќе дојдат во Охрид и во Поградец да ја користат линијата и да ги видат убавините на охридското крајбрежје“, рече Јанакиески.

Тој појасни дека се работи за сезонска линија која ќе функционира до 15 септември. Има согласност од двете страни, како што рече, доколку има голем интерес, линијата да биде и редовна.

„Тоа ќе зависи пред се, од интересот на бродарите кои ќе управуваат со линијата. Доколку побараат, ние сме подготвени да им излеземе во пресрет“, додаде Јанакиески.

Според Хаџинасто, ставањето во функција на новата линија е значајна за комуникацијата на граѓаните и за развој на туризмот.

„Оваа линија ќе ја зајакне соработката меѓу двете земји за побрза комуникација меѓу граѓаните и ќе отвори нов пат, нов простор за развојот на туризмот“, рече Хаџинасто.

Воспоставувањето бродска линија, како што подвлече градоначалникот Бакрачески, е исклучителнен ден за развојот на туризмот, не само во Охрид и Поградец, туку и за сите населени места на брегот на Охридското Езеро, на двете страни од границата.

Тој изрази надеж дека сезонската бродска линија во иднина ќе прерасне во редовна регуларна линија, која ќе функционира преку целата година.

„Со измени на спогодбата ќе се овозможи и поминување на границата по Езеро на помали пловни објекти, чамци и брзи глисери, со што ќе се отвори нова етапа на брз транспорт на патници и туристи, пред се за луѓето кои живеат или престојуваат во Охрид и Поградец и нова фаза во развојот на туризмот. Тоа ќе овозможи подобро стопанисување на сите угостителски објекти и сместувачки капацитети што функционираат на брегот на Езерото од двете страни на границата“, изјави Бакрачески.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП