12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски: Инвеститорите да ја вклучат Македонија во плановите за ширење на бизнисите

Груевски: Инвеститорите да ја вклучат Македонија во плановите за ширење на бизнисите

gruevskiinvestmacedonia57gtr7

Врвен приоритет во економската агенда на македонската Влада беше и останува привлекувањето странски инвестиции, истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето на Глобалниот економски форум 2014, што се одржува во Ливерпул, Велика Британија.

Груевски испрати порака до инвеститорите да ја посетат Македонија и да ја внесат земјата во анализите и размислувањата за ширење на нивниот бизнис, и да се уверат дека Македонија нуди големи можности, но и да разговараат со компаниите кои се веќе присутни во Македонија и да го слушнат нивното искуство како најдобар гарант за овозможените добри услови, соопшти службата за информирање на Владата на РМ.

Пред репрезентативна публика составена од лидери во областа на бизнисот и политиката и врвни авторитети од академската сфера, македонскиот премиер ги образложи своите видувања за темите од областа на финансиите и економското управување и ги презентираше владините реформи за унапредување на бизнис климата, привлекувањето на нови инвестиции и отворањето нови работни места.

Груевски ги презентираше најниските трошоци за водење бизнис кои Македонија ги нуди за инвеститорите, пристапот до повеќе милионските пазари обезбедени со договорите за слободна трговија и поволностите кои се нудат во технолошко-индустриските развојни зони.

Според соопштението, премиерот ја истакнал долгогодишната макроекономска стабилност со ниска инфлација како основни макроекономски параметри кои обезбедуваат подлога за суштинските реформи. Укажал дека во минатата година е остварена стапка на раст на БДП од 3,1 процент, што е четврт највисок раст во Европа, а во првиот квартал од годинава раст на БДП од 3,9 проценти што е највисок во Европа за овој период, истакнувајќи дека високиот износ на капитални инвестиции од Буџетот, реализацијата на странските инвестиции и поддршката на приватниот сектор со евтини финансиски инструменти се од голем придонес за остварените позитивни економски резултати.

Во обраќањето на Глобалниот економски форум македонскиот премиер ги претстави и реформите во образованието кои резултираат со квалификувана работна сила потребна за обезбедување на економскиот развој. Беше истакнато дека инвестициите во образованието се на ниво од 5 до 6 проценти од БДП, што е на ниво на ОЕЦД земјите, а беа посочени и воведувањето задолжително средно образование, отворањето бројни факултети низ земјата, проектот компјутер за секое дете, воведениот предмет англиски јазик од прво одделение и учењето втор странски јазик од шесто одделение, обезбедените лаборатории за државните факултети и институти, давање целосна стипендија за секој државјанин кој ќе успее да се запише на врвните најреномирани светски универзитети.

Претседателот на македонската Влада, според соопштението, посочил дека токму како резултат на ваквите мерки се постигна и раст на реномираните мерења кои се прават во сферата на економијата, како што е извештајот на Светска Банка „Дуинг бизнис“ каде Македонија четири пати се најде меѓу топ 10 најдобри реформатори во светот, при што во 2010 и 2012 година беше рангирана како трет најдобар реформатор во светот, годинешното рангирање на 25-то место во свет, што е напредок за 69 позиции за период од 7 години, со што Македонија е најдобро рангирана земја во регионот и подобро рангирана од 19 земји членки на ЕУ.

Укажал и на напредувањата на листите за водење бизнис на магазинот „Форбс“ каде се бележи напредок од 46 места, напредокот од 35 места според Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ напредокот од 21-то место според Индексот за глобалната конкурентност, и најновата позиционираност на 29-тото место во светот според извештајот на реномираниот „Форин Полиси“.

Премиерот Груевски се осврнал и на важноста на фактот на соработката на Владата и стопанските комори и бизнис заедницата при креирањето на политиките за подобрување на бизнис климата, и на достапноста и подготвеноста на Владата за излегување во пресрет на потребите на инвеститорите и компаниите.

Глобалниот економски форум го отвори извршниот шеф на организацијата Интернационална бизнис и дипломатска размена Руди Гуразиу посочувајќи дека е одлична прилика на отворена сцена да се слушнат и презентираат можностите за инвестирање и достигнувањата кои се прават во насока на економскиот развој.

Глобалниот економски форум кој се одржува во Ливерпул е дел од Интернационалниот фестивал за бизнис кој се одржува во јуни и јули, а кој претставува збир на најголемите економски настани за тековната година, каде има голема концентрација на инвеститори, економисти и менаџменти од реномирани компании.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП