25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТуристичките можности претставени пред фински тур-оператори

Туристичките можности претставени пред фински тур-оператори

3442038652_3b11309828

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во Хелсинки пред повеќе од 25 тур-оператори од Финска го претстави туристички потенцијал и можностите кои ги нуди Република Македонија за туризам и странски директни инвестиции.

Директорот на АППТ Кристијан Џамбазовски ги презентира условите кои ги нуди Владата на Република Македонија за инвестирање во туристички равојните зони, а на средбата учествуваше и економскиот промотор за Шведска и Финска, Мирјана Наумоска.

Работиме напорно процентот на задоволни туристи од посетата на Република Македонија да надмине 90 отсто. Директните средби со бизнис и туристичката елита при посетата на Хелсинки, Финска се мал дел од тие напори, појасни Џамбазовски.

Тој посочи дека во Финска одржале низа средби со клучните играчи од туризмот од претходно таргетираните држави.

Се среќаваме со тамошните туристички агенции, тур-оператори и новинари, ја презентираме Македонија со сиот нејзин потенцијал во најубаво светло, подготвуваме дегустација на македонска храна и вино и организираме информативни патувања низ Македонија. Ова е само една од алатките од кои очекувам Македонија да има зголемување на бројот на туристи, додаде Џамбазовски. Досега, потенцира, интересот е многу поголем од очекуваното.

Во преговори сме со неколку значајни нови имиња од туристичката мапа, со што растат шансите бројот на странски гости до крајот на годината да достигне до половина милион. Тоа  е енормно зголемување во споредба со изминатите години, рече Џамбазовски.

Економскиот промотор Наумоска посочи дека Агенцијата за странски инвестиции во соработка со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот направија успешен настан во Финска.

Професионално завршената работа секогаш резултира со успех. Јас верувам во тимската работа и дека само на тој начин можеме да имаме целосен продукт. Скандинавските земји се интересен и финансиски стабилен пазар, отворен за нови предизвици. Во Македонија гледаат голем потенцијал, а на овој начин ние се обидуваме да им ги разјасниме дилемите што ги имаат, да ги поддржиме и правилно насочиме кон целта, рече Наумоска.

Ова е второ претставување на Република Македонија на директни бизнис средби, а во наредниот период следуваат и други слични вакви активности за промоција на државата.

Пред две недели потенцијалот на Македонија беше презентиран и пред туристичките работници и медиуми во Бугарија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП