2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Економијата и натаму солидно закрепнува

НБРМ: Економијата и натаму солидно закрепнува

nbrm

Економијата и натаму солидно закрепнува, а постојат предуслови и приватниот сектор да закрепнува и без дополнителен монетарен стимул, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ на вчерашната седница.

Комитетот оценува дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви. Во овој контекст, со последната одлука на Европската централна банка за намалување на каматната стапка се ублажуваат дел од потенцијалните ризици за надворешната позиција на домашната економија. Со промените во каматната стапка на централната банка-сидро се зголемува распонот помеѓу каматната стапка на домашната валута и на еврото со што се зголемува и привлечноста на домашната валута.

Комитетот оценува дека нема поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во соопштението се наведува дека најновите показатели за економската активност за првото тримесечје покажуваат натамошни поволни трендови во реалниот сектор, при раст на активноста во поголемиот дел од клучните економски сектори. Притоа, оценето е дека економското закрепнување ќе се одвива со динамика слична на оцените дадени во априлските проекции. Воедно, и понатаму не се очекува дека растот ќе биде доволно силен за да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата, во форма на инфлациски притисоци и позначително влошување на надворешната позиција.

Најновите податоци за инфлацијата во мај 2014 година покажуваат мал месечен раст на цените и забавување на нивниот годишен пад. Растот на базичната инфлација, на годишна основа, забавува веќе осми месец по ред. Овие движења, според Комитетот, како и надолните корекции во очекувањата за дел од увозните цени укажуваат на помали притисоци врз инфлацијата од очекуваните. Од друга страна, има и нагорни ризици околу цените на храната и енергијата, што се поврзани со конфликтот во Украина. Нов нагорен ризик се и поплавите кои го зафатија регионот и кои може да доведат до раст на цените на одделни прехранбени производи. Сепак, во билансот на ризици околу проекцијата на инфлацијата за 2014 година и понатаму се оценува дека надолните ризици се најзастапени.

Последните расположливи податоци за девизните резерви покажуваат дека тие не отстапуваат значително од проектираната патека. Од април досега, девизните резерви умерено се намалени, што е, како што стои во соопштението, во согласност со очекувањата за овој период дека дел од финансирањето на дефицитот во тековната сметка ќе биде поддржан преку девизните резерви. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат на доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Првичните податоци за кредитниот пазар за мај 2014 година покажуваат значително забрзување на кредитните текови во текот на месецот и присутна кредитна поддршка на корпоративниот сектор. Кредитните текови се малку подобри од очекуваните во рамки на последните проекции. Од друга страна, растот на депозитната база е умерен и малку послаб од очекувањата.

Однесувањето на банките на кредитниот пазар дава сигнал за постепено подобрување на очекувањата на банките и на нивните оцени за профилот на ризик на кредитната побарувачка. Воедно, овие движења укажуваат и на преносен ефект од досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, во услови на неизвесен амбиент, и натаму постојат надолни ризици околу кредитирањето на приватниот сектор. Оттука, потребно е време да се оцени постојаноста на позитивните придвижувања на кредитниот пазар.

Оценките на НБРМ не упатуваат и на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува дека показателите за адекватност на девизните резерви и понатаму ќе бидат во сигурната зона. Инфлацијата значително забавува, а нејзината динамика е последица на фактори на страната на понудата. Од друга страна, новите оцени ги потврдуваат очекувањата за постепено засилување на економскиот раст, додека остварените и оценетите поместувања на кредитниот пазар упатуваат на можноста за постепено слабеење на надолните ризици поврзани со динамиката на кредитната активност.

Ризиците кон основното макроекономско сценарио, како и претходно, главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст. Фактор на ризик се и случувањата поврзани со конфликтот во Украина, а нов потенцијален ризик се и поплавите во регионот. Ризиците од овие случувања може да се остварат преку нестабилноста на цените на енергентите и на житните производи, а воедно може да имаат влијание и врз очекуваното економско закрепнување, што наметнува потреба од постојано следење на настаните.

Во домашната економија, ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори во мај се зголеми, при што банките и натаму имаат интерес за пласирање на дел од вишокот ликвидни средства во краткорочни депозити кај Народната банка. На пазарот на необезбедени депозити, тргувањето помеѓу банките достигна историски највисок месечен износ, што укажува на висок степен на ефикасност на овој сегмент од финансиските пазари и доверба помеѓу пазарните учесници. На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори.

НБРМ, наведува во соопштението, и натаму внимателно ќе ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа ќе ја приспособува монетарната политика.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП