27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОфицијализирана соработка меѓу ПМФ и Стопанската комора за туризам

Официјализирана соработка меѓу ПМФ и Стопанската комора за туризам

Pmflogo333

Со потпишување Меморандум за соработка, Стопанската комора за туризам на Македонија и Природно- математичкиот факултет, Институт за географија, насока туризам при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје, денеска ја официјализираа соработката која и досега постоеше.

Со меморандумот се предвидува дипломираните студентите од овој факултет да влезат во датата на податоци на Комората за туризам која ќе ги препорачува за вработување. Покрај тоа, се предвидува Факултетот и Комората да работат заеднички проекти во земјава и странство, како и факултетот да ги усогласи наставните програми со потребите на комората.

„Голем број од нашите студенти веќе се на пракса во десетте најголеми туристички агенции во Република Македонија, а најголемиот дел од нив ќе склучат професионални договори за работа. Со денешното потпишување на меморандумот за соработка само се официјализира соработката која и досега ја имавме“, изјави Проф. д-р Никола Панов.

Тој посочи дека најголем дел од нивните студенти се запишуваат на Факултетот за да работат во туристичките агенции или во делот на туристичкото стопанство како туристички водичи, пратители на групи и раководители на агенции.

„Веќе е во процедура и од септември треба да стартува нашата нова програма која е усогласена со програмата на ЕУ за полгање и добивање на сертификати за туристички водичи, пратители и раководители на туристички агенции“, нагласи Панов.

Потпретседателот на Стопанската комора за туризам на Македонија Стеван Пешевски истакна дека веќе подолго време трае трендот на соработка на комората со факултетите за туризам во Македонија.

„Целта ни е на тој начин да овозможиме стручните кадри кои излегуваат од овие високообразовни институции полесно да се вклопат во дејноста независно дали е тоа работа во туроператори и туристички агенции, хотели и хотелско-угостителските услуги или, пак, другите компаративни дејности. Нашата намера е соработката да се одвива во двете насоки, односно како во насока на дообука и практична настава за студентите за нивно доуостручување и лесно вклопување, така и факултетот низ научно-истражувачката дејност да ги доближи новите трендови во туризмот до нашето туристичко стопанство“, изјави Пешевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП