2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИвановски: Широкопојасен интернет за 80 отсто од населението до 2018-та

Ивановски: Широкопојасен интернет за 80 отсто од населението до 2018-та

ivanovski samit

Министерот за информатичко општество и администрација пред учесниците на Светскиот самит за информатичко општество, што се одржува во Женева, ги претстави владините цели за наредните четири години, со кои дополнително ќе се придонесе во развојот на информатичкото општество во Македонија.

„Наша цел е 80 проценти од населението во Македонија до 2018 година да биде покриено со широкопојасен интернет со брзина од 100 Mbs. Потоа, бројот на домаќинства кои користат интернет да достигне 90 проценти до 2018 година, најмалку 33 проценти од малите и средни претпријатија да ги продаваат своите производи он-лајн , да се намалат роаминг трошоците, како и да се зголеми бројот на е-услуги“, најави Ивановски.

Тој информира дека повеќе од 25.000 луѓе годишно во главниот град ги користат предностите на едношалтерскиот систем и не мора да одат од еден шалтер на друг, од една до друга канцеларија.

„Ние сме во процес на надградба на овие услуги, со што повеќето од нив ќе може да се направат он-лине со користење на електронски потпис. Исто така, Македонија успешно го спроведе вториот акциски план за Отворено владино партнерство, со кој Владата ќе им овозможи на граѓаните бесплатно користење на податоците кои се од нивни интерес. Приватниот сектор користејќи ги тие податоци може да креира апликации или услуги“, рече Ивановски во обраќањето на Самитот.

Македонија, додаде, минатата година успешно го спроведе и процесот на дигитализација, односно преминот од аналогна во дигитална телевизија. Од аспект на широкопојасниот интернет Ивановски напомена дека пред четири години започна реализацијата на проектот за бесплатен Wi-Fi интернет во 680 рурални средини, со цел да им се овозможи и на граѓаните во најоддалечените области користење интернет.

На Самитот чиј домаќин е Меѓународната телекомуникациска унија, учествуваат претставници на владини институции, приватниот сектор, невладини и меѓународни организации.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП