8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФорум за надминување на бариерите за инвестирање во обновливи извори на енергија

Форум за надминување на бариерите за инвестирање во обновливи извори на енергија

energijaveter551

Бавното издавање на лиценци и долгата процедура за трансформација на земјиштето се најчестите бариери со кои се сретнуваат инвеститорите во областа на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во Македонија. Тоа не зависи само од институциите кои ги издаваат, туку и од процедурата и легислативата која е во сила.

Токму за нивно надминување во Стопанската комора на Македонија денеска се одржува третиот Форум на чинители и засегнати страни во областа на обновливите извори на енергија, организиран во соработка со Проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија.

Целта на форумот е да се создаде нов механизам на дијалог помеѓу јавниот и приватниот сектор, како и да се зголеми транспарентноста и инклузивноста во областа на обновливите извори на енргија. Идејата е на исто место да седнат сите чинители, но и засегнати страни или поточно кажано јавниот сектор преку претставници од релевантните институции во областа на ОИЕ, потоа приватниот сектор преку Групацијата на производители од ОИЕ при Стопанската комора, академската заедница и невладиниот сектор, и да дискутираат за подобрување на легилсативата и регултивата, но и на праксата за одредени процедури во делот за инвестиции во областа на ОИЕ, рече директорот на Проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија, Самир Латиф на денешната прес-конференција.

Тој истакна дека ова е трет форум на истата тема и додаде дека на претходните два, одржани лани во ноември и годинава во февруари, веќе се собрани доста искуства во однос на легислативата и пречките кои инвеститорите ги имаат за инвестирање во Република Македонија.

Директорот на Агенцијата за енергетика Александар Дуковски рече дека Агенцијата активно работи на отстранувањето на пречките и бариерите и на подобрување на легислативата за инвестирање во обновливите извори на енергија и дава насоки и идеи како тоа може уште поефикасно да функционира.

Форумот претставува збирно место на кое сите чинители можат слободно да дискутираат за пречките и бариерите за инвестирање во обновливи извори на енергија. Министерствата и агенциите се залагаат добивањето на лиценците и трансформацијата на земјиштето да оди на побрз начин со подобра комуникација помеѓу институциите и помеѓу институциите и инвеститорите, рече Дуковски.

Тој посочи дека форумите се местата на кои инвеститорите ги кажуваат предизвиците со кои се соочуваат.

Неопходно е да се допрецизираат законите и подзаконските акти и да се овозможи здрава бизнис околина за да се зголеми бројот на инвестициите во ОИЕ. Инвеститорите знаат како да дојдат до технологија и финасирање, а се што треба Македонија да направи е да им овозможиме тоа да го остварат на нејзината територија, потенцира Дуковски.

Вкупно инсталираниот капацитет за производство на електрична енергија во Македонија во 2013 година изнесувал 1.953,23 мегавати од нив 2,34 отсто отпаѓаат на мали хидроелектрани, а 0,37 отсто на фотоволтаични електрани. Од сопствено производство се обезбедени околу 70 отсто од потребите за електрична енергија, а останатото е од увоз. Вкупната потрошувачка на електрична енергија во 2013 година изнесувала 6,9 терават часови, од кои 2,57 отсто се обезбедени од малите хидроелектрани, а 0,11 отсто од фотоволтаичните електрани.

На електро-енергетскатамрежа во моментов се вклучени 27 мали хидроелектрани и 35 фотоволтаични електрани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП