6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБрендирање на руралните бизниси за задржување на младите

Брендирање на руралните бизниси за задржување на младите

brendiranje biznisi

Да се зголеми бројот на претприемачки бизниси во микро-регионот Свети Николе-Штип преку идентификација на руралните традиционални бизниси со највисок потенцијал и нивно претворање во профитабилни компании, како и намалување на економската стапка на миграција на младите и нивната преселба во поголемите градови во Македонија или заминувањето во странство, се целите на проектот „Брендирање на руралните бизниси со цел задржување на младите во руралните области“.

Проектот се имплементираше изминатите девет месеци од страна на Здружението за развој, претприемништво и претприемачко учење „Марвел-АДЕЕЛ“, компанијата СИ комуникејшн од Скопје и Општина Св. Николе. Како што беше истакнато на денешната завршна прес-конференција, со спроведените активности директно се влијаеше на невработеноста кај младите како една од најголемите социјални проблеми во руралните области.

Покрај реализираните обуки во делот рекламирање мали, рурални бизниси, е-маркетинг, промоција преку социјалните мрежи, продажни техники и брендирање на традиционални производи, во рамки на проектот е изготвен и веб порталот www.handmades.com.mk за промоција на традиционалните производи и производители.

„Развојот на руралните традиционални бизниси во претприемнички им овозможи на младите од микро-регионот Свети Николе – Штип подобри и поголеми шанси за наоѓање на вистинската работа и продолжување на својот живот во нивната општина“, истакна Благица Л’скова, координатор на проектот и претседател на „Марвел-АДЕЕЛ“.

Според неа, успешната имплементација на проектот докажа дека микро-регионот Свети Николе – Штип има претприемачки потенцијал. Проектот им овозможи на петнаесетина традиционални производители своите рачно изработени производи да ги претстават на многу поширок пазар од локалниот.

„Овој проект е од огромно значење за Општина Свети Николе. Традиционалните производители од светиниколскиот регион конечно добија место каде можат да ги понудат своите рачно изработени производи. Канцеларијата за поддршка на рурални бизниси која како дел од овој проект беше отворена во Општина Свети Николе ќе биде местото каде овие традиционални производители ќе може да се обраќаат за помош“, нагласи градоначалникот Зоран Тасев.

Тој изрази уверување дека младите луѓе од овој регион својата егзистенција ќе ја бараат во традиционалните бизниси и ќе придонесат регионот уште повеќе да се развие, а со тоа да се овозможи поголем просперитет на граѓаните.

Проектот „Брендирање на руралните бизниси со цел задржување на младите во руралните области“ беше поддржан од Агенцијата за млади и спорт и Програмата за развој на ОН (УНДП) преку програмата за Поддршка на Социјалното претприемништво за млади.

Предвидено е негово спроведување и во другите плански региони во Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП