Бруто домашниот производ (БДП) на Швајцарија во првиот квартал од оваа година порасна за 0,5 проценти во однос на претходниот квартал, соопшти швајцарскиот Државен секретаријат за економија (SECO).
Во споредба со првиот квартал од 2013 година, економскиот раст изнесува 2,0 проценти, пренесува швајцарскиот весник „20 минути“.
Најголем придонес во растот на БДП, во периодот јануари-март од тековната година имаше трговијата со стока и услуги, како и инвестициите во градежниот сектор, објаснува SECO.
Аналитичарите за истиот период очекуваа економски раст од 0,5 до 0,7 проценти, во однос на последниот квартал од 2013 година.
Во заклучокот на соопштението се наведува дека растот од два проценти на годишно ниво е потврда дека швајцарската економија и пркоси на кризата.