25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИВо што да инвестирате наредната година?

Во што да инвестирате наредната година?

Во време на бавен глобален раст, агресивни потези од страна на централните банки и парализирани фискални политики во целиот свет, конвенционалните правила за инвестирање се од мала важност.

Поради оваа причина „Блумберг Маркетс“ собра тим од врвни инвеститори кои редовно ги надминуваат пазарите во изминатите години и ги запраша каде и како да ги инвестирате вашите пари во 2013 година.

Дејвид Хер, менаџер во компанијата „Harris Associtates“, кој управува со имот вреден девет милијарди долари вели дека наредната година треба да инвестирате во Јапонија и во акциите на технолошките компании.

-Наредната година има силен потенцијал и може да биде многу добра за акциите. Потребно е убаво да ја разгледате Јапонија, во која акциите се евтини во споредба со останатите развиени пазари. Исто така, јапонската индустрија се темели на технологијата, која како сектор е многу примамлива за инвестирање. Акциите на технолошките компании во оваа година многу бавно растеа, а основите покажуваат дека тие се уште се добра приказна, вели Хер.

Квински Кросби, менаџер во „Prudential Financial“ вели дека вистинскиот избор за инвестиции во 2013 година е земјоделството. Според нејзините зборови, поради глобалните демографски трендови, акциите на земјоделските компании треба да бидат во секое сериозно портфолио. Освен тоа, Кросби препорачува и поголема изложеност во енергетскиот и рударскиот сектор, бидејќи овие сектори можат да профитираат поради зголемената побарувачка во Кина.

Динакар Синг, основач на „TGP Axon Capital“ вели дека во наредната година треба да се следи советот на познатиот комичар Еди Марфи:

– Пред десет години, Еди Марфи во „Saturday Night Live“ ги исмејуваше глумците од хорор филмовите. Тие да речеме, слушаат гласови од духови во куќата. Но, наместо да ја напуштат куќата, сите глумци одат во потрага по гласовите и тие сцени обично завршуваат со масакар. Поради тоа на пазарот понекогаш е навистина подобро, кога ќе ги слушнете „гласовите од духовите“, да го напуштите пазарот и да чекате подобро време. Опседнатата куќа можеби е евтина, но нема голема вредност, изјави Синг.

Крис Ливи од „BlackRock“, е далеку поголем оптимист и својот глас го даде за американските акции. Тој објасни дека американските компании во моментов се полни со пари, тие пари наредната година ќе им се исплатат на акционерите преку дивиденда. Покрај тоа, во наредната година американските корпорации очекуваат раст на приходите, и покрај забавениот глобален раст.

Андреас Утерман од „Allianz“ препорачува, сепак, внимателно купување на должничките хартии од вредност на земјите од еврозоната. Тој е убеден дека ова лето се направени значајни чекори кои водат до разрешување на европската должничка криза. Иако деталите од банките не се познати, а политичката неизвесност се уште трае, Утерман тврди дека сите главни ризици во еврозоната се отстранети.

Со тој став се согласува и Даг Ремзи, шеф на „Leuthold Weeden Capital Menagement“.

-Американскиот пазар на долговите тргна надоле и повеќе не е атрактивен за  инвеститорите. Европскиот пазар на долговите (особено корпоративните) дава годишен принос од околу четири проценти, што е двојно повеќе од просечниот принос на дивиденда во САД. Предноста на европскиот пазар е тоа што големите глобални инвеститори се уште не ги зголемиле цените на хартиите од вредност, заклучи тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП