26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМизо: Драстично зголемен извозот од зоните

Мизо: Драстично зголемен извозот од зоните

mizo-press

Во првите четири месеци од годината вредноста на извозот од слободните економски зони е 350 милиони евра. Извозот во првиот квартал кој изнесува 250 милиони евра бележи пораст во однос на овој период лани за 95 отсто. Од Дирекцијата на ТИРЗ очекуваат доколку продолжи ваквото темпо да се надмине планираната бројка на извоз за годината во 1,2 милијарди евра. Вкупниот извоз од државата во првите три месеци забележа пораст од 17 проценти.

– Имаме драстично зголемување на извозот во однос на минатата година. Само во еден месец имаме извоз од зоните од околу 100 милинои евра и сме на пат да го достигнеме, можеби и да го надминеме вкупниот планиран извоз од зоните од 1,2 милијарди евра на годишно ниво, изјави директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо.

Според него, ова се должи на активноста на втората фаза на „Џонсон Мети“, која активно произведува дополнителна вредност во споредба со лани, потоа „Ван Хол“ кој е функцинален, „Џонсон контролс“ во Штип и „Кемет електроникс“.

– Гледаме драстично зголемување иако можеби апсолутните бројки не се големи, но имаме драстично зголемување и на извозот од „Продис“ и „Текнохозе“ што е показател не само на ефикасноста на производството на овие компании во Македонија, туку и за заздравување на европската економија, бидејќи сите овие производи се наменети за тој пазар, што значи дека автомобилската индустрија, електрониката и фармацијата и во случајот на Ванхул тоа е американскиот пазар, истакна Мизо.

Тој очекува извозот од зоните во вкуниот извоз до крајот на годината да достигне 30 проценти доколку продолжи ваквото темпо.

– Минатиот месец првите три месеци беше 250 милиони евра што значи 95 проценти зголемување во однос на првите три месеци од минатата година, а лани од зоните беше речиси 25 проценти од вкупниот извоз од државата, рече директорот на Дирекцијата на ТИРЗ.

Според професорот Томе Неновски, порастот на извозот објавен од Државниот завод за статистика за 17 проценти во првиот квартал е рефлексија на она што се случуваше во областа на индустриското производство во текот на поголемиот дел од минатата година и првото тримесечие годинава, односно, како што појасни, зголеменото производство се манифестира во зголемен извоз во целиот овој период.

– Тоа е резултат и на одредени други околности, производството пред се, но и на дејствувањето на оние компании што се лоцирани во слободните трговски зони, особено од страна на претпријатијата кои произведуваат катализатори за потребите на автомобилската индустрија која што ги апсорбира Западна Европа, особено од страна на пазарите во Германија и Велика Британија. Тоа значи дека македонската економија или тие претпријатија влијаат не само кон задржување на постојните пазари, туку и на откривање нови пазари каде што може да се пласираат производи што е значајно од аспект на макроекономијата со т.н. зголемена додадена вредност што секако ја зголемува вредноста на извозот, меѓутоа ја зголемува и вредноста на БДП, изјави Неновски.

Тој истакна дека би било добро ова темпо на пораст на извозот да продолжи и во претстојниот период и оти засега има индикатори дека тоа може да се оствари. Тоа би можело да не доведе до едно доста високо ниво на збирен пораст на извозот оваа година некаде околу 15-ина проценти што неминовно ќе има силно влијание врз остварувањето на планираната стапка на БДП оваа година па дури и зошто да не и нејзино надминување, оцени професорот Неновски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП