6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДенес во Тирана се одржува Македонско-Албански форум за Бизнис и Инвестиции ...

Денес во Тирана се одржува Македонско-Албански форум за Бизнис и Инвестиции

Macedonia - Albania

Во организација на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија (АСИПИРМ), преку економскиот промотер за Албанија и Косово Фатос Мустафа со поддршка на Амбасадорот на Република Македонија  во Албанија Стојан Карајанов, а во соработка со Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија, денес (30.04) во Тирана се одржува ”Форум за Бизнис и Инвестиции Македонија-Албанија, Второ продолжение” вклучувајќи го и Косово.

На форумот покрај амбасадорот на Република Македонија во Тирана Стојан Карајанов презентација ќе има и Државниот Советник при АСИПИРМ, Дијана Тоска која ќе ги претстави инвестициските и извозни потенцијали на Македонија, како и Претседателот на Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија, Мендерес Кучи. Од Албанска страна на форумот присутни ќе бидат Претседателот на Парламентот на Република Албанија Илир Мета, Министерот за Економија, Трговија и Енергетика  на Република Албанија, Арбен Ахметај, Министерот за Земјоделство, Водостопанство и Шумарство на Република Албанија Едмонд Панарити како и Директорката на Албанската Агенција за Развој и Инвестиции, Мањола Ѓони.

Во рамките на форумот, односно по завршувањето на презентациите, предвидени се Б2Б и мрежни сесии помеѓу учесниците од Македонија, Албанија и Косово, како и дегустација на вина и традиционална храна од Македонија.

Значајно е да се истакне дека сите учесници на форумот ќе имаат можност бесплатно да ги изложат своите производи на сопствен штанд, поради што се очекува учество да земат околу стотина компании од Македонија од прехрамбената индустрија и од агробизнисот. Како одговор на барањата на економските оператори на Македонија и сугестиите на бизнис заедницата за потребата од воспоставување на контакти со дистрибутерски куќи од Република Албанија од албанска страна се поканети, а и го потврдија своето учество најголемите увозници и дистрибутери на прехрамбени производи. Дополнително присуство потврдија и увозници и дистрибутери на прехрамбени производи од Република Косово, кои се заинтересирани за соработка со компании од Македонија преработувачи на овошје, зеленчук, вино, млеко, месо, кондиторски и други прехрамбени производи како и голем број на компании од останатите сектори.

Во рамките на овој форум ќе биде организиран и Мини саем на производи од Македонија – пијалоци, вино и храна, како и networking настан каде производителите од Македонија кои ќе се пријават како учесници ќе имаат можност на сопствени штандови да ги презентираат своите производи пред потенцијалните купувачи од Република Косово и Република Албанија со цел да остварат директни средби со истите.

Целта на овој настан е продлабочување на соработката на компаниите – производители на прехрамбени производи од Република Македонија и компаниите од Република Косово и Република Албанија кои се заинтересирани за откуп на производи од земјава. На настанот ќе бидат присутни компании кои работат со увоз и дистрибуција на прехрамбени производи за поголемите ланци на супермаркети и кои имаат интерес за соработка со компании од Македонија производители на свежо овошје и зеленчук, вино, млеко, месо, кондиторски производи и тестенини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП