Популаризирање на наградата за општествено одговорни практики пред македонските претпријатија кои првпат аплицираат и информирање како можат преку неа да ги промовираат своите општествено одговорни активности, беше фокусот на денешната конференција за потенцијални апликанти за Националната награда за најдобри одговорни практики за 2013 година.
На конференцијата организирана од Министерството за економија и Бизнис конфедерацијата на Македонија, македонските компании беа информирани како можат да се стекнат со признанија од пошироката општествена заедница во земјава, но и меѓународно.
– Целта на денешната сесија е да се информираат македонските претпријатија за седмиот по ред конкурс на Министерството за економија и на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата за Националната награда за општествено одговорни практики на македонските претпријатија, изјави Александар Николов, претседателот на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата пред почетокот на конференцијата.
Тој посочи дека станува збор за награда која е веќе призната надвор од Македонија.
– Наградата им се доделува на македонските претпријатија кои спровеле најдобри општествено одговорни практики во пет категории. Тоа се однос кон животната средина, однос кон вработените, етичко управување, односи на пазарот и вложување во заедницата, појасни Николов.
Нина Кепеска, одговорната за односи со јавноста во градежната компанија „Адора инженеринг“ посочи дека како и секоја година и годинава ќе учествуваат на конкурсот.
– Оваа сесија е наменета за упатување на новите компании кои можеби првпат се пријавуваат за наградата како да ги пополнат апликациите, на што треба да се фокусираат за да задоволат одредени принципи кои не се само национални, туку се базираат и на европските практики, изјави Кепеска.
Таа посочи дека „Адора инженеринг“ континуирано добива награди за општествени одговорни практики на секој конкурс.
– Добивањето на признанието за општествено одговорна компанија претставува статисфакција која ни покажува дека сме на вистинскиот пат. Тоа е и потврда дека нешто сме сработиле како што треба, дека има резултати кои некој ги видел и ги вреднувал. За имиџот на компаниите оваа награда е многу важна, посочи Кепеска.