2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМеѓународно признание за македонски патни превозници

Меѓународно признание за македонски патни превозници

kamioni_03

На 10 македонски транспортни менаџери денеска им беа врачени меѓународни признанија од Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ).

Признанијата на транспортните менаџери, членки на СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ, ИРУ им ги доделува за нивниот придонес и развој на транспортната дејност во Република Македонија и во меѓународни рамки.

Наградени транспортни менаџери од ИРУ се Виолета Ристова од „Виден транс“, Маргарита Јосифова – „Тефтер транс“, Предраг Трајковски „Штуз“, Бранко Каламадевски – Лаката, Мишо Николов – ЈСП –Скопје, Калем Иса – „Се транс“, Соња Бочварска – „Бомак“, Биљана Петрова – „Сам Вел“, Димитар Василевски „Галеб“ и Елена Минева од „Риве транспорт“.

Транспортерите го добија меѓународното признание на Генералното собрание на Меѓународната унија за патен транспорт, што се одржа на 4 овој месец во Женева, кога им беа доделени награди на 54 менаџери од 15 земји, за нивната успешна работа и врвно лидерство во своите компании, но и во дејноста во која работат.

Како награда, најуспешните менаџери добиваат сертификат, значка и можност да се промовираат со користење на логото најдобар менаџер во своите промотивни материјали и контакти со своите клиенти и партнери.

ИРУ ја доделува наградата еднаш годишно на најдобрите менаџери во транспортниот сектор за патнички и стоков патен транспорт. Оваа година, најдобри менаџери беа избрани од Белорусија, Чешка, Естонија, Македонија, Германија, Италија, Казахстан, Латвија, Молдавија, Мароко, Романија, Русија, Шпанија, Турција и Украина. Во пропозициите на ИРУ за номинирање за наградите за транспортните менаџери, се ставени повеќе високи критериуми, што тие треба да ги задоволат. Менаџерите, кои имаат соодветен Сертификат за професионална компетентност, треба активно да ги промовираат обуките и за своите вработени преку програмите на акредитираните институти на Академијата на ИРУ, како што е Центарот за обука во АМЕРИТ.

Денеска излезе од печат и јубилејниот 100-ти број на едукативниот и информативен месечник „Транспорт и логистика“ на СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП