3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинерално ѓубре од комунални отпадни води - Патент на годината за 2013

Минерално ѓубре од комунални отпадни води – Патент на годината за 2013

patentnagodinata

Техничко-технолошкото решение за преработување талог од комунални отпадни води и добивање органско-минарелно ѓубриво е Патент на годината за 2013-та. Признанието денеска, на јубилејната 20-годишна манифестација, го добија пронаоѓачите Ресми Зиба, Момчула Јорданоски, Валентина Пеливанова и Ајро Ваит.

– Проектот го почнавме пред неколку години и на крајот успеавме да направиме нов производ. Затворивме еден циклус во природата. Отпадот што го создава човекот, го претворивме во минерално ѓубре кое има голема употребна вредност и дава одлични резултати во земјоделството, изјави Пеливанова по доделувањето на наградата и изрази надеж дека изумот нема да остане само на хартија.

Интенција на целиот тим, како што рече, е од овој прототип да направи модерен, произведувачки капацитет што ќе го реши горливиот проблем на денешницата – справување со талогот од пречистителните станици.

Решението на Зиба, Јорданоски, Пеливанова и Ваит е нова технолошка постапка за добивање органско-минерално ѓубриво во две фази – пастеризација на отпадниот талог и добивање микробиолошки исправен талог, како и третирање на пастеризираниот талог при што потребните компоненти се дозираат се до добивање комбинирано ѓубриво.

Иноваторите за својот пронајдок, освен Патент на годината, добија и златен медал од стручното жири, златен медал од Меѓународната федерација на здруженијата на инвентори, златен медал и диплома од Здружението на пронајдувачи на Полска, како и диплома од Асоцијацијата на жени иноватори во БиХ.

Во рамки на манифестацијата награди им беа доделени и на Игор Захариев и Ристо Чавдаров за пронајдокот „Мехатронички модул – управување до пет пумпи со двојна повратна врска, алармен систем со визуелизација, ултразвучна регулација и мобилна контрола“, на Драги Рашковски за „Систем и уреди за електронско спроведување на сите форми на посредна и непосредбна демократија“, на Веле Нелковски за „Елементи за универзално брзо монтажно скеле – платформа“, како и на Мирко Узелац за „Аброзивни чисталици за садови и санитарии со додатни елементи“.

Признанијата и наградите ги врачија директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули и неговиот заменик Мите Костов. Емрули во обраќањето најави изготвување стратегија за индустриска сопственост со цел соработка меѓу индустријата и науката во насока на изготвување нови иновативни проекти, како и објавување конкурс за европски патентни застапници на веб страницата на Заводот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП