3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФФРМ: Здружувањето и договорното производство неопходни за успешно земјоделство

ФФРМ: Здружувањето и договорното производство неопходни за успешно земјоделство

logo ffrm

– Македонските земјоделци треба да се здружат и да го применуваат принципот на договорно производство ако сакаат да бидат успешни и конкурентни, е пораката од денешното годишно собрание на Федерацијата на фармери (ФФРМ).

Малите, расцепкани парцели, откупот и пласманот се уште се најгорливиот проблем на агросекторот.

– Мора да се надмине досегашната пракса на произведување она што се продало претходната година. Производството треба да базира на претходни анализи, што бара пазарот, какви се понудата и побарувачката. Само така ќе можеме да оствариме успех, рече Никола Стаменов, член на ФФРМ од Струмичко.

Според него, нашиот земјоделец секогаш наоѓа начин да произведе квалитетен производ, но настанува проблем кога треба да го пласира. – Сепак, во соработка со институциите, особено ресорното Министерство, ги детектираме состојбите и се трудиме да ги надминеме, посочи Стаменов.

– Расцепканото производство што е спротивно на меѓународните стандарди кои освен квалитет бараат и негова воедначеност, ги намалува квалитетот и цената, а тоа значи и помали шанси за пристап на западните пазари, нагласи Љупче Станковски, пчелар од Скопско.

Тој напомена дека неорганизираноста на земјоделците највеќе ја користат трговците, а може да биде поинаку. Здружени, додаде, производителите може полесно да ги изнесат проблемите пред надлежните и да издејствуваат нивно решавање.

– Нашата цел е да ги упатиме земјоделците во здружувањето, да создадеме организирани фармери како движечка сила во земјоделството. Владата тука многу ни помага преку Програмата за задруги, обезбедувајќи субвенции за обезбедување нова опрема со помала потрошувачка и полесно сервисирање, истакна Станковски.

Оценка на Федерацијата е дека земјоделците се повеќе ги осигуруваат посевите. – Во тој дел има подобрување. Одлични се условите што ги нуди Владата во вид на субвенции кои земјоделците треба рационално да ги искористат. Соработуваме и со осигурителните компании, нагласи Стаменов.

На годишното собрание беше укажана и потребата од поголема афирмација на жените фармери и нивното интензивно ангажирање во претприемништвото и земјоделството. Како што рече Васе Мојсовска од Мрежата на жени фармери, најважна во овој случај е едукацијата на што многу се работи преку организирање трибини и семинари, но клучен фактор е и мотивот.

– Жената од руралните средини е еден од столбовите на македонскиот аграр. Затоа ние се залагаме за нејзина што поголема афирмација и овозможување да се носи „рамо до рамо“ со останатите општествени структури, истакна Мојсовска, додавајќи дека трудот на руралната жена е огромен, а никаде не е регистриран, ниту вреднуван.

Таа не прецизира колку жени фармери има во Македонија, но нивниот број, рече, се зголемува, а се интензивира и нивното здружување. – Сфаќаат колку се вредни и колку може да придонесат за развој на земјоделството. Тоа е и нашата цел, да допреме до свеста на руралната жена за да се избори за своите права, потенцира Мојсовска.

На редовното собрание со кое денеска беа одбележани и 10 години од постоењето на ФФРМ, беше потенцирано дека комуникацијата и непосредните контакти со компаниите, откупувачите, стопанските комори, невладините организација, остануваат приоритет.

– Здружувањето во ФФРМ значи оставрување на интересите и правата на земјоделците, како и зајакнување и заштита на економските, социјалните и културните права на руруалното население во насока на креирање политики за информирање и економско здружување со цел поконкурентни земјоделски производи, подвлече претседавачот на Собранието Бранкица Мавчева.

ОН ја прогласи 2014-та за Меѓународна година на семејното земјоделство. Според последните податоци, во светот постојат преку 500 милиони семејни фарми кои опфаќаат 80 отсто од вкупниот број фарми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП