6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВрнежите критични за пчелите, добредојдени за земјоделството

Врнежите критични за пчелите, добредојдени за земјоделството

pceli sadnici

Променливото време и врнежите што деновиве ја зафатија Македонија се критични за пчелните семејства. Можно е нивно масовно угинување зашто пчелите немаат услови да излезат надвор од кошничките и да обезбедат храна за веќе фромираните ларви.

Според агрометеоролозите, дождовите се повеќе од добредојдени за есенските посеви. Го намалија дефицитот во подлабоките почвени слоеви што е многу битно за овошките и виновата лоза.

– Снижувањето на температурите, повремените врнежи и ветерот влијаат крајно негативно врз пчеларството. Можно е да изумрат многу пчелни семејства поради недостиг на храна. Пчелите не се во состојба да излезат надвор, а дождот го измива поленот, вели Ангелко Ангелески од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Од врнежите ќе се офајдат земјоделските култури, особено есенските кои се во фаза на вретенење, формирање класови и класање, за што им е неопходна голема количина вода.

– Сепак, се уште е рано да се каже дали овие врнежи ќе влијаат врз зголемување на приносите бидејќи ако температурите се зголемат, можно е испарување на дел од влагата во почвата. Тоа ќе се одрази врз исполнување на зрното. Затоа, многу се битни врнежите кон средината и крајот на мај, истакнува Ангелески.

Кај јаболката во Преспа кои процветаа штети нема да има иако на некои се задржаа тенки слоеви снег. Тоа само може да го проретчи плодот, да влијае врз квантитетот, но не и врз квалитетот. Приносот ќе биде ист.

Јавувања за какви било штети од појавата на снег нема и во западниот дел од Македонија. Во наредните денови се очекува нестабилно време со дожд, а на некои места и град, без поголемо намалување на температурите.

Како што информира Рада Бојковска од хидролошкото одделение при УХМР, нивото на водостоите е зголемено и поради најавените обилни врнежи во одредени делови од државата, можни се локални излевања на критичните места Струмичко, Пелагонија, Полог, Пелинце и други.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП