2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСарачини: Развој на туризмот со владините мерки

Сарачини: Развој на туризмот со владините мерки

skopjeturisti269

Зголемениот број на туристи е резултат на субвенционирањето на нискобуџетните aвиокомпании, овозможување евтини летови на повеќе европски дестинации, поддршката за туроператорите кои носат странски туристи, како и зголемената домашна туристичка понуда.

Тоа го изјави министерот за економија Ваљон Сарачини при денешната посета на поранешниот рудник за експлоатација на антимон во локалитетот Лојане, општина Липково.

Коментирајќи ги статистичките податоци за зголемениот број туристи во февруари, кај домашните од 10,3 проценти и 4,1 процент кај странските, Сарачини нагласи дека постојаниот раст на бројот на туристи е јасна потврда оти преземените мерки од Владата даваат резултати.

– Очекуваме ваквиот тренд и понатаму да продолжи затоа што воведовме значајни мерки за поддршка на туризмот. Воведуваме субвенционирање на авионски летови за Македонија што се одвива секоја година. Проширен е и опфатот на земји за кои Македонија дава субвенции за тур-операторите. Покрај досегашните земји од Бенелукс, од 2013 година вклучени се и Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Обединетите Арапски Емирати и Јапонија, рече Сарачини.

За 2014 година, како што најави, мерката ќе се прошири и на Кина и Индија, а за 2015 година ќе се исплаќаат субвенции и за туристи од Казахстан, Азербејџан, Катар, Сојузна Република Германија, Соединетите Американски Држави и Англија.

Сарачини потсети дека преку Македонската банка за поддршка на развојот овозможени се кредити во областа на туризмот, субвенционирање до 50 проценти на хотелски сместувачки објекти во руралните средини.

– Формиран е посебен комитет за туризам кој се состанува еднаш месечно и расправа за начините на кои може да му помогнат на туризмот, потенцира Сарачини.

Бројот на туристите во февруари, потсети, изнесува 27.278, а на ноќевањата 60.619, што во однос на истиот месец лани претставува зголемување за 6,6 проценти, односно 3,9 проценти.

Кај ноќевањата на домашните туристи зголемувањето е за 3,6 проценти, а на странските за 4,2 проценти.

– Во првите два месеци од годинава во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 1,3 проценти, кај домашните туристи за 0,6 проценти, а кај странските за 1,9 проценти. Кај ноќевањата во јануари и февруари има зголемување за 0,3 проценти, кај домашните туристи намалување за 2,1 процент, а кај странските зголемување за 2,6 проценти, рече Сарачини.

Во вториот квартал минатата година, во објектите за сместување и сервисни дејности за храна работеле 24.857 лица, односно 3,66 процент од вкупно вработените 678.467. Стапката на пораст во однос на 2012, кога во тие објекти и дејности работеле 18. 359 лица, изнесува 35,3 проценти.

Особено е важно, потенцира Сарачини, што минатата година првпат бројот на туристи надмина 700 илјади, што беше и главна цел, согласно Стратегијата за развој на туризмот.

Според податоците од Народна банка на Република Македонија, Дирекција за статистика Отсек за изготвување и објавување екстерни статистики, Република Македонија го зголеми девизниот прилив во земјата за 13 отсто во 2013 година во однос на 2012 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП