28 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСрбија го интензивира туристичкото промовирање во Македонија

Србија го интензивира туристичкото промовирање во Македонија

kaneo-turizamj87y87t

Македонија и Србија се уште го немаат извлечено максимумот од соработката во областа на туризмот. За нејзино унапредување планираат заеднички производи кои ќе опфатат нова целна група и ќе овозможат поголема размена и поголеми економски ефекти.

Како што беше речено денеска во Амбасадата на Република Србија каде беа претставени туристичките потенцијали на северниот сосед, се очекува туризмот да ја исполни не само економската, туку и политичката функција преку испраќање силна порака до државите надвор од регионот, дека е можен заеднички модел и претставување.

– Веќе работиме во оваа насока, а нашите напори ги потврдува и Светската туристичка организација според чии најави Балканот ќе биде 6-та дестинација по посетеност во светот, но ние сме малку поамбициозни и сакаме да избие меѓу првите три. Сметаме дека и други земји ќе се приклучат кон нашата идеа, истакна директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија, Кристијан Џамбазовски.

Во Македонија лани биле евидентирани 40.000 српски туристи кои реализирале 80.000 ноќевања. Во Србија, пак, бројката на наши посетители достигнала 35.575. Тие оствариле 71.079 ноќевања. Македонија е на 9-то место во Србија во однос на посетителите од другите земји.

– Работиме на унапредување на туристичката размена. Кај нас Србија котира релативно високо, влезена е во топ петте земји. Но, во наредниот период очекуваме да избие на првото место и во таа насока е интензивирањето на соработката, нагласи Џамбазовски. Србија исто така одлучи да го зајакне своето туристичко присуство во Македонија. Според Гордана Пламенац, директор на Туристичката организација на Србија, земјава треба што поскоро да стане членка на Европската туристичка комисија, не само поради подобра промоција, туку и за размена на знаења, како и искуства во насока на поефикасно претставување.

Интензивно се работи, рече, и на промовирање регионални програми. – Пред три години со Бугарија, Романија и Хрватска ја инициравме културната рута „Патот на римските царови“ која ќе биде сертифицирана до крајот на 2014-та и во неа треба да се вклучат сите останати земји со римско наследство, меѓу кои и Македонија, рече Пламенац.

Ваквото претставување, додаде, е особено значајно за прекуокеанските држави зашто туристите кои доаѓаат оттаму сакаат да видат што повеќе, различност во однос на културата, природата, гостопримството.

Српската амбасадорка Душанка Дивјак Томиќ нагласи дека денешните туристи се многу пребирливи. За да се задоволат нивните барања неопходно е вложување голем напор и средства, интензивно и континуирано работење.

– Нашите држави, како и целиот регион се неисцрпен извор на можности, но секој ден се потребни нови иницијативи и поголемо вмрежување. Само така секој од нас ќе може да ја зајакне туристичката понуда, а со тоа и да придонесе за поголем развој, потенцира амбасадорката.

Србија секоја година има поинаков фокус во однос на туристичкото претставување. За 2014- та целна група се младите поради што од 15-ти овој месец се реализира и он-лајн кампањата „Лајфстајл Србија“. Се прикажуваат српската креативсност, иновативност, забава, гастрономија, местата за одмор, фестивалите,… Понудата може да се прочита на веб страницата www.lifestyle.serbia.travel

Како што посочи Пламенац, преку 1.000 манифестации во Србија се одлична мамка за туристите. За промоција на земјата значително придонесе и публикацијата „52 викенда во Србија“ испечатена на јазиците на сите земји од регионот.

За македонските туристи најатрактивните понуди на северниот сосед се концертите, културните манифестации, фестивалите, бањското лекување и планината Златибор. Во првите два месеца од годинава Србија ја посетиле 4.692 посетители од Македонија и 9.784 ноќевања што е 13 проценти повеќе од истиот период лани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП