21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски и романски бизнисмени ќе ја продлабочуваат соработката

Македонски и романски бизнисмени ќе ја продлабочуваат соработката

stopanskakom668777777

Продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Романија и поттикнување на учеството на македонските компании на романски саеми се дел од темите за кои делегација на Стопанската комора на Македонија во Романија разговара со нивните романски колеги.

На средбите, како што денеска информира Стопанската комора на Македонија, била постигната заемна согласност во следниот период да бидат потпишани договори за соработка на регионалните комори од двете држави и покрената иницијатива за формирање заедничка македонско-романска стопанска комора.

Посетата на бизнис делегацијата предводена од претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески е во организација на македонскиот амбасадор во Романија, Панде Лазаревски и почесниот конзул Аурелијан Гугулеску. Македонската делегација оствари повеќе состаноци меѓу кои со романскиот министер за економија, Константин Ница и со претседателот на Комората за индустрија и трговија, Михаи Дарабан.

Романија е 12-ти трговски партнер на Македонија. Вкупната трговска размена меѓу двете држави во 2013 година изнесувала 212,9 милиони американски долари што претставува раст од 23,2 отсто во однос на претходната година. Извозот во Романија изнесувал 87,1 милиони долари, додека увозното салдо било 125 милиони долари. Трговскиот дефицит е на македонска страна и изнесува 38,6 милиони САД долари. Во извозот носечки се металната и електроиндустријата кои реализирале 29,7 милиони долари извоз, по што следуваат хемиската индустрија и земјоделско-прехранбениот сектор.

Проценката е дека земјоделско-прехранбениот сектор може да го зголеми пласманот на производи на романскиот пазар, особено виното и кондиторскиот сектор, а можност за зголемување на извозот постои во делот на замрзнатото и свежо говедско и пилешко месо и на преработки од месната индустрија.

Од друга страна, резултатите од направена анализа на Стопанската комора на Македонија покажуваат дека македонските компании се заинтересирани за соработка и настап на саемски манифестации во Романија во делот на градежништвото, металната и електроиндустријата, прехранбената, дрвната индустрија и текстилот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП