Бугарската влада денес ја подигна прогнозата за економскиот раст за оваа година од 1,8 на 2,1 процент, но и најави дека очекува просечна дефлација од 0,2 проценти.
„Очекуваме дека до крајот на годината ќе ја надминеме дефлацијата и ќе бележиме раст на цените, но на ниво на цела 2014 година, сепак, ќе биде забележана дефлација од 0,2 проценти“, рече пред новинарите во Софија министерот за финансии, Петар Чобанов, а пренесува агенцијата Франс прес.
Во 2015 година се очекува раст на бруто домашниот производ (БДП) од 2,6 проценти, благодарение на закрепнувањето на домашната потрошувачка и растот на инвестициите, додаде министерот.
Владата во Софија исто така очекува дека невработеноста оваа година ќе падне на 12,8 проценти, благодарение на низата мерки за отворање на нови работни места, пред се за младите.
Бугарија, најсиромашната членка на Европската унија, минатата година забележа раст на БДП од 0,9 проценти.