28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШојбле најави акциски план на еврозната за Грција

Шојбле најави акциски план на еврозната за Грција

German-finance-minister

Министрите за финансии од еврозоната подготвуваат „акциски план“ за подобрување на шансите за економски раст во Грција, соопшти денеска германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, еден ден откако Еврогрупата ја одобри долгоочекуваната транша од спасувачкиот пакет за Грција.

– Заедно со грчката Влада ние сме во процес на разгледување на можноста како да ги искомбинираме различните мерки во еден акциски план, рече Шојбле по дводневните разговори со неговите колеги од 18-те земји членки на еврозоната и од 28-те земји-членки на Европската унија.

Како што пренесе ДПА, Шојбле, кој вчера се сретна со грчкиот премиер Андонис Самарас, најави дека германската државна инвестициска банка Ка-еф-Ве (KfW), исто така, ќе учествува во акцискиот план, заедно со другите земји.

Официјалните претставници на Брисел и Атина се оптимисти дека грчката економија почнува да се созема по шестте години рецесија.

Локалните компании, меѓутоа, се жалат дека капиталот што им е нужен за работата е тешко достапен и тоа му пречи на растот и отворањето на работни места.

Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас денеска најави план за создавање „институт за раст“, што го опиша како „еден вид приватен инвестициски фонд, што може да учествува во финансирањето на малите и средни претпријатија“.

Во меѓу време портпаролот на германската Влада соопшти дека германскиот канцелар Ангела Меркел на 11 април ќе ја посети Атина, потврдувајќи ги информациите во грчкиот печат, кој тврди, дека таа сака да ја посети земјата за да го поддржи грчкиот премиер Андонис Самарас пред европските избори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП