28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзраелска компанија заинтересирана да инвестира во Македонија

Израелска компанија заинтересирана да инвестира во Македонија

ben dor fruits

Израелската компанија „Бен Дор“ која развива нови сорти на овошје, е заинтересирана да инвестира во Македонија. Претставници на компанијата денеска се сретнаа со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и со министерот за странски инвестиции Џери Наумоф.

Оценката на претставниците на компанијата е дека Македонија има добра местоположба, а климатските услови се повеќе од поволни, така што инвестицијата во почетокот би можеле да ја насочат во отворање на центар за пакување и ладилници во соработка со постоечките производители во државата.

Во првата фаза компанијата би започнала со поставување логистички центри и би се испитале можностите и пазарот со цел да се утврди најдобриот модел и потенцијалните пазари, по што би продолжиле и со сопствено производство на единствени сорти на овошје (сливи, круши, кајсии, јаболка и праски). Се очекува во оваа фаза компанијата да понуди 10.000 тони годишно од овие производи на пазарот.

Компанијата има меѓународни стандарди за квалитет, вклучувајќи Globalgap, BRC и ISO 9001 и поседува пакувачки капацитети, ладилници и транзит станици.

На состанокот министерот Димовски истакнал дека Министерството за земјоделство веќе има воспоставено добра соработка со израелското Министерство за земјоделство и оти ќе помогне компанијата да ги пронајде партнерите во Македонија.

Компанијата „Бен Дор“, информира Министерството за земјоделство, во текот на неделата ќе ги посети Демир Капија, Гевгелија, Валандово и Росоман, чиешто поднебје и клима се поволни за одгледување овошје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП