2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија треба да инвестира во алтернативни извори на енергија

Македонија треба да инвестира во алтернативни извори на енергија

Wind turbines

Енергетската иднина на Македонија е во искористувањето на обновливите извори на енергија добиени од ветар, биомаси и мали водотеци, смета Сања Божиновска, директор на секторот за трговија со електрична енергија во Руднап.

Руднап е една од најголемите компании за трговија со струја во Југоисточна Европа, присутна и во Македонија преку партнерската компанија Energy Services, како лиценциран трговец со електрична енергија.

– Станува збор за извори на т.н зелена енергија кои се добиваат со релативно ниска цена, не ја загадуваат околината, нема потреба од увоз на гориво и се високо ефективен извор. Особено ветерниците кои ги карактеризира можност за производство на голема количина на енергија, не зафаќаат голем простор и се одличен извор на енергија во областите кои се надвор од градовите, вели Божиновска.

Таа нагласува дека треба да се искористат овие можности, бидејќи Македонија изобилува со нив, и штета е да не се исползуваат, а како можност за инвестирање во нови енергетски објекти го посочува јавно-приватното партнерство.

– Тука Руднап како компанија со големо искуство на полето на енергетиката, може многу да направи. Стратешка цел на Руднап е дополнително да го искористи својот потенцијал за трговија со електрична енергија, преку развој, изградба и управување на сопствените производни капацитети преку инвестиции во проекти со кои се искористуваат обновливите извори на енергија, прецизира Божиновска.

Како пример за јавно-приватно партнерство ја посочува нивната инвестиција во ветерни електрани во Романија, како и неколкуте хидроелектрани во Србија и Босна и Херцеговина.

– Со уште неколку инвестиции на ова поле реално е да се очекува Македонија до 2020 година, 20 отсто од вкупното производство на електрична енергија да ја добива од обновливи извори на енергија, што е просек и на дел од земјите членки на ЕУ, како Бугарија и Естонија, посочува Божиновска.

Според неа, Македонија треба да се фокусира на уште една енергетска поврзаност со Србија, која е особено потребна бидејќи моменталната поминува низ Косово.

– Потребно е да се воспостави и енергетска поврзаност со Албанија, со која моментално сме поврзани преку Србија. Со тоа се создаваат услови кои позитивно ќе делуваат на енергетската состојба во земјава, и се добиваат повеќе алтернативи, и поевтина цена на струјата во ситуација кога на берзата таа се намалува, како што е случајот периодов, децидна е Божиновска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП