7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИталијанска пензионерка прикрила приход од 1,5 милиони евра

Италијанска пензионерка прикрила приход од 1,5 милиони евра

catania-kathedrale

Пензионерка од италијанскиот остров Сицилија, која поседувала 90 недвижни имоти, прикрила годишни приходи од речиси 1,5 милиони евра, соопшти денеска Управата на финансиската полиција во провинцијата Катанија.

Жената, која е на возраст од 70 години, по смртта на нејзиниот сопруг, локален бизнисмен, наследила повеќе куќи, станови, деловни простории, магацини, како и згради со архитектонско-историска вредност. Нејзиното име фигурирало на листата на крупни сопственици на недвижни имоти кои биле подложени на рутинска контрола.

При тоа, е утврдено дека жената во нејзината даночна пријава навела дека прима месечна пензија од 500 евра, како и дека има дополнителни приходи од наемнини во износ од 150.000 евра годишно.

Меѓутоа, инспекторите од финансиската полиција утврдиле дека договорите за изнајмување на 29 имоти воопшто не биле регистрирани и таа ги прикривала парите добиени од наемнините. За останатите договори за наем постојат договори кои се регистрирани, но сумите за наемнини наведени во нив биле значително пониски од оние што ги плаќале закупците.

Најфлагрантен е примерот со два магацински простори со вкупна површина од над две илјади метри квадратни за кои осомничената земала наемнина од 42.000 евра годишно, но таа не ги пријавила овие приходи бидејќи магацините биле дива градба. Во катастарот било евидентирано дека на нивно место има земјоделски површини и за нив пензионерката пријавила дека зема наемнина од неколку стотици евра.

Вкупно затаените приходи и неплатените административни такси достигнуваат вредност од околу 1,5 милиони евра. Поради ова финансиската полиција покренала обвинение против жената за затајување данок и за пријавување неточни податоци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП