6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВучиќ: До средината на јули во Србија ќе се спроведат сериозни структурни...

Вучиќ: До средината на јули во Србија ќе се спроведат сериозни структурни реформи

aleksandar-vucic-133

Речиси извесниот нов српски премиер Александар Вучиќ, чија Српска напредна партија (СНС) вчера постигна историска победа на предвремените парламентарни избори во Србија, денеска соопшти дека средината на јули е крајниот рок за реформа на законите од сферата на работните односи, законот за банкрот и за приватизацијата.

Вучиќ, изјави дека доколку зависи од него, 29-годишниот Лазар Крстиќ ќе остане на функцијата министер за финансии. СНС оствари убедлива победа на вчерашните предвремени парламентарни избори, ветувајќи целосно преструктурирање на економијата, обврска што сите влади што доаѓаа на власт по падот на Слободан Милошевиќ во 2000 година избегнуваа да ја направат.

Резултатот, што партијата на Вучиќ го постигна на изборите, му дава јасен мандат да ја реформира најголемата држава што произлезе од распадот на некогашна Југославија, а Србија веќе почна и преговори за приклучување кон ЕУ.

Се очекува Вучиќ во Владата да вклучи уште најмалку една партија, а потоа брзо да склучи нов договор за кредит со Меѓународниот монетарен фонд, но тој не посочи временски рок за договор со ММФ.

Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека реформирањето на огромниот државен сектор и на пензискиот систем, како и продажбата или затворањето на државните претпријатија загубари се од клучно значење за да може Србија да го намали својот буџетски дефицит и државен долг.

– Ќе треба да реформираме некои државни компании и тоа ќе биде нашиот најголем проблем, рече Вучиќ. – Ќе приватизираме некои што не можат да ја стигнат конкуренцијата, дополни тој. – Тоа треба да го сториме многу брзо и сигурен сум дека ќе успееме, вели Вучиќ.

Вучиќ изјави дека новата Влада ќе биде позната до 1 мај, а аналитичарите посочуваат дека таа може да се сврти кон Новата демократска партија на поранешниот претседател Борис Тадиќ, за да ја зголеми поддршката за владиниот кабинет во претстојниот период што се најавува како многу тежок.

– Многу полесно е да применуваш реформи кога има апсолутно парламентарно мнозинство, вели Хрвое Стоиќ, аналитичар од Хипо Алпе Адрија. – Но, дали Српската напредна партија ќе успее зависи од нивниот човечки потенцијал. Многу нешта ќе зависат од идниот договор со ММФ, смета аналитичарот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП