2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПо пријава на потрошувачи уништени 10.483 килограми небезбедна храна

По пријава на потрошувачи уништени 10.483 килограми небезбедна храна

meatfoodmarket64687v

Несоодветно истакната цена, немање декларација или гаранција, заведување со реклами, неиздавање фискални, условувања – со еден производ да се купи друг, измами со наводни сезонски намалувања, се само некои од поплаките на македонските потрошувачи.

Тие се жалат и на купени производи со скриен недостаток, лош квалитет (кај обувки, мебел, техника), несоодветна услуга, нечесно пазарно однесување, неисполнување договори особено при туристичките патувања во однос на превозот или сместувањата,… Од техничките производи, рекламациите најчесто се однесуваат на апаратите за домаќинство.

Како што беше речено денеска во Стопанската комора на состанокот по повод Светскиот ден на потрошувачите – 15 Март, по пријава на купувачи лани се уништени 10.483 килограми небезбедна храна. Бројот на претставките е завиден, а најбројни се забелешките за немањето добра хигиенска и производна пракса, како и ХАЦЦП.

Во Организацијата на потрошувачи граѓаните најмногу реагирале на услугите во мобилната и фиксната телефонија, наспроти делот храна и право на пациенти.

Паѓање или прекини на мрежата, продолжување договори без претходно консултирање со корисникот, задоцнети сметки или испраќање застарени долгови, наплатување услуги кои не ги барале, неразбирливи наградни игри, според Марјана Лончар од ОПМ, се најчестите поплаки.

– Најчесто поплаките се решаваат во полза на потрошувачите, дефектот е бесплатно е отстранет, производот е заменет со соодветен од иста трговска марка или договорот е раскинат и платениот износ е вратен. Постојат и случаи, иако мал број, кога потрошувачот нема законска основа да ги оствари своите права. Тогаш помага само добрата волја на трговецот, истакна Елена Томовска од Пазарниот инспекторат.

Минатата година инспекторатот извршил 2.734 редовни, 524 контролни и 944 вонредни надзори. Добиени се 944 претставки од потрошувачи и по нив е постапено. За утврдени

неправилности се поднесени 34 барања до основните судови и 64 до прекршочната комисија, додека во управна постапка се донесени 53 решенија.

– Од 2010 година расте бројот на претставки што покажува дека се унапредени политиките за заштита на потрошувачите, но е подигната и јавната свест. Купувачите бараат безбедни производи, соодветно означени, посочи Ката Стојановска од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во Агенцијата за храна, додаде, се поднесени 281 претставка во делот безбедност на храната и се изречени четири прекршочни пријави.

Минатата година голем број компании – членки на стопанските комори на доброволна основа потпишале кодекси за добро пазарно однесување чија цел е да се влијае на фер конкуренцијата и да се заштитат потрошувачите.

– Од етичките кодекси бенефит имаат и трговците бидејќи на тој начин се зголемува довербата кај потрошувачите, дека производот или услугата подлежат на редовни контроли, рече Анче Трифунов, државен секретар во Министерството за економија.

Трифунов соопшти дека на крајот од годинава ќе се донесе новата програма за заштита на потрошувачите за периодот 2015-2016, а наредната година ќе се донесе и новиот закон за заштита на потрошувачи во кој ќе бидат вградени сите европски директиви.

На состанокот беше поздравен фактот дека сите засегнати страни веќе седат на заедничка маса ги изнесуваат и разгледуваат проблемите, што не беше случај пред пет до шест години кога „воделе секој своја политика“.

Годинашното мото на Светскиот ден на потрошувачите е „Остварени резултати во заштитата на правата на потрошувачите – кодекси на добра пракса“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП