13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоветување за развој на можностите за вработување млади лица

Советување за развој на можностите за вработување млади лица

dimespasovspasovde

Како да се зголемат шансите за полесно и побрзо вклучување на младите лица на пазарот на труд, како тие да ги развијат претприемачките вештини за да можат да донесуваат правилни одлуки, се некои од темите на советувањето „Како до поголема вработеност на студентите и дипломците“ што се одржува денеска во МАНУ во

Скопје во рамки на проектот „Градење капацитети за поголема вработеност“, финансиран од Британската и Ирската амбасада во Република Македонија.

Дел од учесниците на советувањето сметаат дека до полесно и побрзо вработување младите лица можат да дојдат доколку навремено кај нив се развие претприемачкиот дух, креативноста, решителноста, истрајноста…,вештини кои треба да им го пренесат наставниците и професорите низ целиот образовен процес.

Раководителот на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ Таки Фити истакна оти расположливите податоци покажуваат дека невработеноста кај младите лица е поголема отколку кај возрасните и во Македонија, но и во земјите на Европската унија.

Според него причината за тоа е што младите имаат помало знаење како да дојдат до работа, како да остварат сопствен бизнис, а имаат и помалку контакти со бизнис секторот.

– Затоа мерките кои се преземаат од страна на Владата треба да бидат дополнети и со мерки за зголемување на вработувањата кај младите од страна на општините, а истовремено треба да се работи на развивање на претприемништвото особено на малите и средните претпријатија, на промена на наставните содржини, но и на нивно доближување со практичната работа, рече Фити.

Преземањето активни мерки за вработување, истакна Фити, е од исклучителна важност и далеку поисплатливо отколку лицата да останат невработени. Цената на чинење на мерките за невработените лица, рече, е за шест пати помала отколку трошоците што ги има државата во случај тие лица да останат невработени.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов посочи дека Владата во Македонија од 2007 година презема активни мерки и политики со кои, како што рече, се опфаќаат значително голем број млади лица до 29 години.

– Тие се посебен приоритет особено во најуспешните програми и мерки за вработување како што е програмата за самовработување, програмата за субвенционирано вработување и особено практикантството кое е наменето само за млади. Дополнително вработувањето на млади се стимулира и со новата мерка со која приватните компании кои ќе вработат лица до 29 години една година ќе бидат ослободени од сите социјални придонеси со обврска да ги задржат вработените уште една година, рече Спасов.

Додаде дека освен активните мерки за вработување се прават напори за да се доближи понудата до побарувачката, да се информираат младите за расположивите места, но и бизнисот за расположивите кадри, за што, како што истакна, се формирани и посебни веб страници и мобилни апликации.

Ние како Влада, рече Спасов, ќе продлжиме да спроведуваме проекти кои ќе бидат насочени за овозможување поголема вработеност кај младите во Република Македонија.

Енди Пенелуна, проректор на Универзитетот во Велс, смета дека во Македонија се преземени соодветни чекори за зголемување на можностите за вработување на младите лица и изрази задоволство од тоа што работата на ова поле е веќе започната.

– Има доста позитивни чекори во оваа насока и како што слушнав повеќето нови деловни субјекти се мали претпријатија. Се развива претприемничко образование, но тоа во секој случај не подразбира само помагање на младите лица да воспостават деловен субјект, туку и како да работат во тие мали претпријатија и како да ги поддржуваат со своето работење.

Токму заради тоа треба да се фокусираме на претприемничкото размислување на студентите, бидејќи тоа е од корист за двете страни, рече Пенелуна.

Смета дека е потребно да се воспостави добар систем и инфраструктура за поддршка на наставниот кадар за тие да можат на младите да им помогнат да ги развијат претприемничките вештини.

Додаде дека освен развојот на претприемничките вештини за поефикасно вклучување на младите на пазарот на труд е неопходно тие да бидат креативни, приспособливи, флексибилни и решителни да успеат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП