7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈапонски грантови во здравството и образованието

Јапонски грантови во здравството и образованието

japnski grantovi

Во Јапонската канцеларија за врски во Скопје денеска беа потпишани грантови за реализација на четири проекти во Република Македонија вредни 245 илјади евра неповратни средства од кои два се однесуваат за две основни училишта во државата и два за опремување на две државни јавни здравствени установи.

Од името на јапонската Влада грантовите ги потпиша првиот секретар од јапонската Амбасада во Виена, Еичи Ито, а од името на добитниците на грантовите потпис ставија директорите на Клиничката болница „Доктор Трифун Пановски“ од Битола, д-р Василе Најдоски, на Универзитетската клиника за неврологија, Игор Кузмановски, градоначалникот на Липково, Садула Дураку, во името на ОУ „Фаик Коница“ лоцирано во село Слупчане во таа општина, како и Алиу Шкелќим, директорот на ОУ „Браќа Миладиновци“ во општина Струга.

Ито истакна дека Грант програмата за мали проекти првпат е воведена од јапонската Влада во 1989 година, а во Македонија почнала да се спроведува од 1996 година. Програмата е наменета за помош на земјите во развој и со неа се обезбедуваат неповратни финансиски средства на болници, образовни установи, за невладиниот сектор и друго.

– Уверени сме дека проектите за кои денеска потпишавме грантови одговорно ќе бидат спроведени во сите етапи од развојот. Владата на Јапонија ќе биде задоволна доколку овие проекти придонесат кон развојот на земјата и подобрување на стандардот на граѓаните, рече Ито.

Јапонскиот грант ќе и овозможи на Универзитетската клиника за неврологија во Скопје да биде искористен за набавка на три медицински апарати кои се незаменливи во грижата за пациенти кои преживеале или се под висок ризик од мозочен удар.

ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во општина Битола со проектот ќе обезбеди финансиска помош за обновување на неопходната болничка опрема со што се очекува да се подобрат здравствените услуги за околу 250 илјади жители колку што живеат во пелагонискиот регион и обезбедуваат медицинска грижа од оваа болница.

Со грант проектот за ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се обезбеди финансиска помош за реновирање на објектот кој е изграден 1974 година.

ОУ „Фаик Коница“ пак грантот ќе го искористи за проширување на објектот со дополнителни три училници.

Во Република Македонија досега преку Програмата за грант помош за мали проекти на Владата на Јапонија се реализирани 90 проекти во вкупна вредност од 5 милиони евра.

Република Македонија и Јапонија годинава одбележуваат 20 години од воспоставување дипломатски односи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП