3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКредитната активност бележи раст над очекувањата

Кредитната активност бележи раст над очекувањата

kreditnaaktivnost6546w4g

Ликвидноста на банките и во февруари годинава е на стабилно ниво. Кредитите бележат раст на месечно ниво и во секторот население и кај претпријатијата, а економијата се очекува да расте со сличен интензитет како и во последните месеци од 2013 година.

Ова е оценката на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ,  кој на вчерашната седница ги разгледа најновите макроекономски показатели за домашната економија и податоците за банкарскиот систем.

Во соопштението се наведува дека во услови на креирање ликвидни средства под влијание на автономните фактори, банките имаа зголемен интерес за пласирање на ликвидносните вишоци во краткорочни депозити кај Народната банка. Во такви околности, прометот на меѓубанкарскиот пазар на депозити беше релативно понизок од вообичаено, но со претежно учество на меѓубанкарските трансакции со подолга рочност од еден ден.

Остварената динамика на кредитната активност, како што посочуваат во соопштението, е поголема во однос на очекувањата од октомвриската проекција. Сепак, сметаат дека и понатаму постојат надолни ризици околу кредитниот раст до крајот на годината, кои се поврзуваат со согледувањата на банките за профилот на ризик на побарувачката, конзервативните стратегии на големите банкарски групации кои со своите банки-ќерки се присутни на домашниот пазар и натамошното подобрување на квалитетот на кредитното портфолио. Февруарските податоци упатуваат на поволни движења и кај депозитниот потенцијал на банките, којшто и натаму се зголемува, но засилено, на месечна основа. Растот е резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со најголем придонес на секторот „население“ (придонес од 80 отсто во месечната промена).

На девизниот пазар забележани се вообичаени сезонски движења, при што девизните позиции на банките се уште се на релативно стабилно ниво. Податоците за девизните резерви за февруари 2014 укажуваат на нивно сезонско намалување, што е очекувано во рамки на проекциите на билансот на плаќања. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови.

Во однос на оценката за економијата посочуваат во соопштението дека во голема мерка се заснова врз постојаните поволни движења кај клучните економски сектори, пред се кај градежниот и индустрискиот сектор. Оценките и понатаму покажуваат дека растот на економијата нема да биде доволно силен за да може да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. Новите податоци за инфлациските остварувања од почетокот на годината и понатаму упатуваат на пониски инфлациски притисоци. Трошоците на живот во февруари се намалија за 0,1 отсто на месечна основа, што доведе до дополнително забавување на годишната стапка на инфлација (0,6 отсто на годишна основа). Овие остварувања ги потврдуваат претходните оценки за претежно надолни ризици поврзани со проекцијата на инфлацијата за 2014 година, проектирана на 2,3 проценти.

Од аспект на ризиците, се уште има ризици поврзани со надворешното окружување, кои се дополнително зајакнати во овој период, заради случувањата во Украина. Овие случувања создаваат ризици за нестабилност на светските цени на енергентите и на житните производи, а воедно може да имаат влијание и врз очекуваното економско закрепнување.

Имајќи ги предвид најновите макроекономски, финансиски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика е одлучено да се задржи тековната монетарна поставеност и на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот кој достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на ниво од 3,25 проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП