3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Етнос“: Самарас на „тајна вечера“ на Света Гора разговарал со Русите за...

„Етнос“: Самарас на „тајна вечера“ на Света Гора разговарал со Русите за приватизациски проекти

Antonis Samaras

Грчкиот премиер Андонис Самарас присуствувал на „тајна вечера“ на Света Гора, што на 15 февруари се одржала далеку од очите на јавноста, а на која учестувал и Владимир Јакунин, шеф на руските железници и близок пријател на рускиот претседател Владимир Путин, тврди грчкиот весник „Етнос“.

Средбата не била случајна и на неа била разгледана грчката приватизациска програма.

Патувањето на Самарас до Света Гора официјално било најавено неколку дена пред средбата, а Русите однапред го знаеле конкретниот датум.

Грчката страна била информирана за присуството на Јакунин на Света Гора и средбата се одржала во седиштето на монашката република Кариес.

Руски бизнисмени често пати ја посетуваат Света Гора, а во рускиот манастир „Св. Пантелејмон“ обично во лето оди и рускиот претседател Владимир Путин.

Се тврди дека за средбата бил информиран и шефот на руската држава, кој на претходната средба со Самарас побарал руско учество во грчката приватизација.

Во разговорите на Света Гора акцентот бил ставен врз интересот на Москва за учество во тендерот за приватизацијата на грчката железничка компанија ОСЕ. Според некои извори, Русите биле заинтересирани не само за купувањето на пакетот акции на грчките железници, туку и за приватизацијата на солунското пристаниште.

Претставници на грчката Влада повеќе пати изјавуваа дека колку повеќе моќни „играчи“ се вклучат во приватизацијата, толку подобро ќе биде за Грција.

Самарас не ја крие својата желба во приватизацијата да има руско учество, особено по неуспешниот обид за продажба на грчката гасна компанија ДЕПА на гигантот „Газпром“.

На средбата на Света Гора Јакунин повторно го поставил пред Самарас прашањето за купување на мнозинскиот пакет акции на ОСЕ и на солунското пристаниште и побарал од грчкиот премиер забрзување на тендерските процедури.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП