2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСвињарите бараат да се контролира продажбата на замрзнато свинско месо

Свињарите бараат да се контролира продажбата на замрзнато свинско месо

svinskomesomesouvoz

Групацијата за производство на свинско месо бара да се намали данокот за сточна храна од постојните 18 на 5 отсто.

– Со намалувањето на данокот сме убедени дека многу ќе се намали сивата економија и дека ќе има многу поголем прилив на средства во касата на државата со данок од 5 отсто отколку што сега има со данок од 18 отсто, рече претседателот на Групацијата за производство на свинско месо при Стопанската комора на Македонија, Ефтим Шаклев на денешната прес- конференција.

Тој посочи дека бараат и предност за сточарите за добивање на земјоделско земјиште.

– Со тоа значително ќе се поевтини производството на сточна храна и воопшто ќе се поевтини производството во сточарството во Македонија, посочи Шаклев. Нагласи дека Групацијата се залага и за изедначување или приближување на субвенциите на поголемите производители на свинско месо, односно долниот праг кој изнесува 5.000 свињи за кои се добива 100 отстотна субвенција да се зголеми на 10.000 свињи за да можат да се покријат трошоците во кланичната индустрија. Од Групацијата бараат субвенциите да се добиваат до мај за да може да се набави поевтина храна.

– Бараме од Дирекцијата за ветернина да се укине вакцинацијата за свињите против чума, бидејќи и онака не можеме да извезуваме наши свињи во Европската унија. Тоа засега можеме да го направиме во Србија и Албанија. Доколку не се вакцинираат свињите од чума ќе можеме да извезуваме и во Грција, која би била добар пазар за нашите свињи, рече Шаклев.

Во Македонија, како што нагласи, се зголемува бројот на свињи. Во 2006 година имало 170.000 свињи, а лани 300.000.

– Бројот на свињи во 2013 година е зголемен за 10 отсто во однос на претходната 2012 година иако најголемиот производител Жито Вардар наместо вообичаените 65 до 70.000 свињи пероизвел само 16 до 17.000 свињи. Тоа се должи на отворањето на голем број мали свињарски фарми кои се поотпорни на промените на пазарот, рече Шаклев.

Посочи дека во Македонија во моментов има шест големи свињарски фарми. Најголем производител е Агриа, по што следат фармите Единство Челопек, фармата на Жито Вардар во Берово, како и фармите во Свети Николе и Виница.

– Во Македонија годишно се произведуваат 10.000 тони свежо свинско месо, а во земјава се трошат и 2.000 тони разладено увезено месо од ЕУ и 9.000 тона замрзнато свинско месо. Од Македонија се извезуваат само 100 тона свежо свинско месо во Србија… Увозот на свежо свинско месо не не загрижува зашто е многу мал и изнесува 2.000 тона што е раст од 44 отсто во однос на 2006 година. Загрижувачки е увозот на смрзнато месо кое има раст од 77 отсто од 2006 до сега иако во последната година растот е само 10 проценти, рече Шаклев.

За увоз на смрзнато свинско месо, додаде, Македонија потрошила 33 милони долари.

– Треба да се посвети поголемо внимание на прозиводството на свинско месо за да се намали увозот на смрзнато месо. Проблем е што замрзнатото месо се јавува и во малопродажбата. Немаме проблем да увезуваат смрзнато месо произведувачите, но сакаме да знаеме какво месо користат рестораните и малопродажните објекти, рече Шаклев. Прецизира дека македонските фарми добиваат по 1.000 денари субвенции за секоја свиња и за секоја мајка. Субвенциите се во таа вредност за до 5.000 свињи, а потоа процентуално се намалуваат во зависност од вкупниот број на свињи што ги има фармата. Субвенционирање има и преку Програмата за рурален развој со која се субвенционираат приплодните грла со 50 отсто и субвенционирање преку ИПАРД програмата кое е најмалку застапено поради острите критериуми и огромниот број на неопходни документи поради што фармерите не се заинтересирани да аплицираат.

– Мислам дека преку ИПАРД програмата се достапни 64 милиони евра од кои досега се искористени само 4 милиони, нагласи Шаклев.

Во Македонија годишно се трошат по 10 килограми свинско месо по глава на жител, додека во Европа просекот е 43 килограми. Земјава бележи и зголемување на извозот на сувомесни производи. Лани се извезени сувомесни производи во вредност од 40 милиони долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП