23 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата ќе кофинансира отворање продавници за вино

Владата ќе кофинансира отворање продавници за вино

vino prodavnica

Со цел што поголема поддршка за винскиот сектор во Македонија и на 81 винарија, поголема промоција на македонските вина, зголемување на туристичката понуда и отворање нови работни места, Владата спроведува проект за отворање на унифицирани, специјализирани, типски продавници за вино.

Десет продавници за вино ќе бидат отворени во централните подрачја во девет градови, две продавници во Скопје и по една во Прилеп, Битола, Крушево, Охрид, Штип, Берово, Кавадарци и Струмица.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев. Идејата потекнува од стопанството, а проектот се спроведува во соработка со винариите во Македонија.

„Владината поддршка се однесува на финансирањето на голем дел од трошоците кои потенцијалните компании кои ќе влезат во овој бизнис ќе ги направат со цел да ја уредат самата продавница, да закупат простор и да вработат луѓе“, рече Ѓорѓиев.

Тој информира дека веќе е во тек јавен повик, распишан од страна на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, кој ќе трае до 30 април. Ги повика сите заинтересирани да аплицираат.

Ѓорѓиев објасни дека Владата ќе покрива значителен дел од трошоците, 50 отсто од трошоците за внатрешното опремување на продавницата, со исклучок на инвестициите за помошни и санитарни простории, но не повеќе од 1.000.000 денари по продавница.

Владата ќе покрие 50 отсто од трошоците за закуп за просторот во кој ќе функционира продавницата, и тоа во период од пет години, но не повеќе од 30.000 денари месечно.

Владата ќе обезбеди и плати за вработување на две лица во овие продавници и тоа во период од пет години, и тоа во висина од просечната плата по лице месечно, значи две просечни плати месечно по продавница.

„Владата во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има изготвено идејното решение за тоа како треба да изгледа ентериерот на овие продавници. Продавниците за вино треба да бидат со големина од 30 до 100 метри квадратни и пожелно е да бидат лоцирани во централните градски подрачја“, рече Ѓорѓиев.

Сите заинтересирани до Агенцијата треба да поднесат техничка спецификација за потребите или еден вид на бизнис план, имотен лист доколку имаат објект во сопственост во кој ќе биде лоцирана продавницата, или договор за закуп на објект во кој ќе биде лоцирана продавницата за најмалку три години, да ги имаат платено давачките кон државата и да достават основен проект за изгледот на продавницата врз основа на идејното решение и мастер-проектот кој е изготвен од државата.

Повеќе информации може да се добијат на веб-старницата на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој www.ipardpa.gov.mk.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП