– Во Грција под прагот на сиромаштијата живеат 23,1 отсто од граѓаните, односно 2.535.700 лица или 914.873 домаќинства, а 50 отсто од сиромашните се со приходи пониски од 4.000 евра годишно, покажуваат податоците на грчката Централна банка.
Во извештајот на Централната банка се наведува дека кризата создала услови за економско задушување на стотици илјади домаќинства, а процентите на сиромаштија изминатите години забележале рекорден скок.
Според податоците на Банката, над 1,25 милион Грци се со годишни приходи од под 4.000 евра, а долгорочно невработени, односно во период од повеќе од 12 месеци се 955.600 лица.
Според податоците за 2012 година, во опасност од сиромаштија и социјална изолација биле доведени 3.795.100 лица или 34,6 отсто од вкупното население на Грција.
Тоа е највисокиот процент во ЕУ со исклучок на Бугарија (49,3 отсто), Романија (41,7 отсто) и Летонија (36,6 отсто). Грчката Централна банка тврди и дека од 2010 до 2012 година нивото на сиромаштијата во земјата е зголемено двојно.