10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Тројката“ се враќа во Грција за нови преговори

„Тројката“ се враќа во Грција за нови преговори

eugreece1598kokolo

Тројката меѓународни кредитори денеска се враќа во Грција за нови преговори, чија цел е постигнување договор за пакетот мерки кои би овозможиле да се заврши петтиот преглед на спроведувањето на антикризната економска програма на земјата.

Се очекува во рамките на посетата да биде дадена оценка за спроведувањето на програмата за стабилизација, благодарение на која Атина добива рати за излез од кризата, јавува дописникот на МИА од Атина.

Надежите на Грција се дека проценката ќе биде готова пред 10 март, кога ќе се одржи следната седница на Еврогрупата .

Во 2014 година истекува рокот на важење на втората меѓународна антикризна програма за земјата. Експерти предвидуваат дека Грција ќе има потреба и од трета програма, а различните проценки покажуваат дека таа може да варира од 20 до 50 милијарди евра.

Четири од најголемите банки во земјата имаат потреба од дополнителен капитал во вредност од пет милијарди евра , тврдат извори од банкарскиот сектор. Тоа станало јасно по спроведувањето на вторите стрес-тестови во институциите од страна на Грчката централна банка.

Претставници на централната банка соопштија дека официјалните резултати од стрес- тестовите ќе бидат објавени кон крајот на месецов, со три месеци задоцнување од првичниот план . Дел од доцнењето се должи на одлуката на банката да се обрати до „НМ Ротхсцхилд“ и „Ернст и Јанг“ за второ и трето мислење за ова прашање, пишува „Фајненшл Тајмс“.

Се очекува резултатите од проверките да бидат потврдени и од претставници на тројката кредитори.

Грчкиот банкарски сектор претрпе огромни загуби од преструктуирањето на државниот долг . Поради тоа четирите најголеми финансиски институции во средината на 2013 година мораа да добијат капитална инекција од 28 милијарди долари.

Според „Вол Стрит Џурнал“ инспекторите имаат тенденција да се фокусираат на потребата од дополнителни структурни реформи во Грција , вклучувајќи ги и мерките за либерализација на економијата на земјата, проблемите со бирократијата и други слабости. Весникот посочува дека во агендата е вклучено и испитување на пазарот на трудот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП