Мексиканскиот милијардер Карлос Слим планира до крајот на оваа година да го зголеми својот сопственички удел во весникот „The New York Times“ од 8 на 19 проценти.
Слим, вториот најбогат човек во светот според податоците на Блумберг, планира да ја искористи опцијата која му овозможува да купи 15,9 милиони акции во „The New York Times“ по цена од 6,36 долари по акција, што е помалку од половина од нивната цена на берзата.
Мексиканскиот милијардер планира да го прошири својот удел во „The New York Times“, а не да го продаде за да заработи од него, изјави лице запознаено со ситуацијата.
Со осум проценти од акциите Слим е вториот најголем акционер на издавачот „The New York Times“.
„The New York Times“ е заштитен од несакани преземања бидејќи семејството Салкбергер, има контрола над пакетот кој овозможува и контрола на изборот на составот на управниот одбор. Уделот на Слим му овозможува да гласа само за групата на извршните функции, која не надминува третина од местата во управниот одбор.