Под мотото „Природата во чинија секој ден“, „Мак прогрес“ од Виница лансира нова палета производи „Натура“. Брендот за кој компанијата вложи еден милион евра, брои преку 30 видови мусли, житни снегулки, призови плочки, корнфлекс, семиња, сушено овошје, зачини, засладувачи, десертни топчиња,…
Како што беше речено на денешната промоција во Стопанската комора, „Мак прогрес“ годинава планира уште една инвестиција од еден милион евра за проширување на капацитетите и асортиманот.
– Двете инвестиции ќе донесат педесетина нови производи во нашето портфолио наменети за домашниот и странските пазари. Ќе понудиме врвен квалитет и прифатливи цени за сечиј вкус, од најмалите до највозрасните, истакна генералниот директор на „Мак прогрес“ Глигор Цветанов, додавајќи дека стратегијата на компанијата е насочена кон постојано подобрување на постојните и развивање нови производи за да се задоволат различните потреби и барања на потрошувачите.
Минатата година за „Мак прогрес“ беше една од најуспешните, вкупниот промет надмина 20 милиони евра, а произведени се 10.000 тони готови производи од кои 70 отсто се пласирани надвор, на пазарите во вкупно 42 држави низ светот.
Компанијата е семеен бизнис формиран пред 23 години. Денес брои 400 вработени.
– Вкупно 364 милиони долари е ланскиот вкупен извоз на македонската прехранбена индустрија од кои 4,2 отсто отпаѓаат на „Мак прогрес“. Вкупниот извоз на кондиторски производи е 40 милиони евра од кои 38 пороценти се на „Мак прогрес“. Ова е компанија за почит. Почна да се развива од нула во 1990 година, направи невиден прогрес и е прва во земјава по бројот на држави во кои извезува, вкупно 42, со тенденција годинава да ја достигне бројката од 60. Бележи константно зголемување на ивозот за 15 отсто секоја година и инвестирање во по една фабрика секои две години, почнувајќи од 2008-ма што треба да биде пример за останатите во земјава, потенцира претседателот на Комората Бранко Азески.
„Мак прогрес“ минатата година го зголеми и бројот на вработени за 80. Според директорот Цветанов, амбициите не застануваат тука. Планирани се низа обуки, доедукации, посети на саеми,…
Производите од новата линија „Натура“ се веќе достапни во дел од малопродажбата, а за најмногу два месеца ќе може да се најдат во сите маркети. Брендот „Натура“ годинава е номиниран и за наградата за најдобар дизајн што се доделува во земјите на поранешна Југославија.