4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопскиот регион прв ќе се гасифицира

Скопскиот регион прв ќе се гасифицира

gasovod2596

Најдоцна до крајот на годината се очекува да биде потпишан договорот со концесионерот за изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас во Скопскиот регион.

Изградбата на гасоводната мрежа во Скопскиот регион ќе чини околу 100 милиони евра и ќе се гради по принципот на јавно-приватно партнерство. Концесионерот во рок од четири години ќе треба да изгради 70 проценти од дистрибутивната мрежа во Скопскиот регион, кој опфаќа 17 општини.

– Договорот најдоцна треба да се склучи до крајот на годината, а потоа има максимум период на подготовки од една година по што треба да започне градежните работи. Потоа постепено ќе се приклучуваат објектите. Значи во рок од четири години треба да се изградат 70 проценти од дистрибутивната мрежа, така што очекувам за година дена од склучувањето на договорот да започне приклучувањето на дистрибутивната мрежа, појасни министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната презентација пред претставниците од градежните компании од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Концесијата ќе се додели за период од 20 години, а идниот концесионер мора да изгради минимум мрежа од 250 километри. Во општините како што се Аеродром, Центар, Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир и Бутел каде има повеќе население и поголем број индустриски капацитети, концесионерот ќе биде обврзан да изгради 51 процент од мрежата.

Направените анализи и надлежните институции посочуваат дека се работи за исплатлива инвестиција.

– Она што е важно е тоа дека за една третина ќе се намалат трошоците за граѓаните и за компаниите. Инвестицијата што ќе ја направат граѓаните и компаниите, ќе им се врати за една до три години, нагласи Јанакиески.

За просечен стан од 80 метри квадратни, приклучокот кон оваа мрежа ќе чини околу 100 евра, а над оваа квадратура ќе се доплатува по 1,25 евра за метар квадратен. За комерцијалните објекти цената за приклучок ќе биде 1,25 евра по метар квадратен.

Направените анализи покажуваат дека стан од 80 метри квадратни кој се грее на парно, ќе има намалување на трошоците за 24 проценти, ако се грее на струја ќе заштеди 35 проценти, а доколку го користи екстра лесното масло како енергенс за греење, заштедите ќе бидат 54 проценти.

Намалување на трошоците ќе имаат и компаниите.

– Гасификацијата ќе придонесе за поголема рентабилност на компаниите и поголема продуктивност во нивното работење, како и поголема конкуретност на пазарите, истакна Сеан Кочан, претседател на Комората за градежништво при ССК.

Министерството очекува дека во изградбата на гасоводната мрежа ќе биде вклучена и домашната градежна оператива.

Скопскиот регион ќе биде првиот од планираните три региони во државата кои ќе се гасифицира.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП