28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГруевски ги повика германските бизнисмени да инвестираат во Македонија

Груевски ги повика германските бизнисмени да инвестираат во Македонија

grujo minhen

Германија е трговски партнер број еден на Македонија веќе подолг период. Минатата година беше трет најголем инвеститор во Македонија и би сакале да направиме нешто Германија да дојде на првата позиција, истакна премиерот Никола Груевски на бизнис форумот што Владата во соработка со Фајненшл Тајмс го организираше синоќа во Минхен.

Обраќајќи се пред педесетина германски бизнисмени, Груевски, јави известувачот на МИА, ги информира дека група компании од Германија веќе имаат инвестирано во Македонија, притоа посочувајќи ги Дојче Телеком, Кромберг и Шуберт, Дрекслер Мајер.

– Има и други германски компании кои се веќе присутни во Македонија, но и многу познати светски компании кои дојдоа во изминатиов период, како што се британската  Џонсон Мети која веќе изгради две фабрики, а ја разгледува можноста и за трета, американската Џонсон Контролс, коja исто така изградија една фабрика, а по три години и друга, руската Протек груп, која веќе најавува изградба и на втора фабрика, италијанската Технохозе, која по првата веќе гради и втора фабрика со четири пати поголем капацитет. Тука се и Гришко од Русија, Сосиете женерал од Франција, Шпаркасе и Мобиком од Австрија, Ван Хол од Белгија, Кемет електроникс од САД и многу други кои се задоволни и увидоа дека Македонија е добра дестинација за правење бизнис, рече Груевски.

Според него, тие компании се нашите најголеми промотори, бидејќи, како што истакна, кога ќе дојде некој странски инвеститор прво оди кај Џонсон Мети и Џонсон Контролс, Дрекслер Мајер, Кемет елeктроникс, да види што тие  мислат за Македонија и какво е нивното искуство. За многу кратко време, додаде, тие компании доаѓаат со многу позитивни импресии.

Обраќајќи се пред присутните бизнисмени истакна дека Македонија е стабилна и на политички и на економски план, со стабилна валута и четврт најнизок долг во Европа кој е 34,3 проценти од БДП. – Во 2006, 2007 и 2008 година имавме добри резултати во економијата и суфицит во буџетот и затоа решивме да ги насочиме средствата во враќање на старите долгови. Тоа ни помогна за време на европската должничка криза полесно да се справиме со проблемите со кои се соочија многу други земји, рече Груевски.

Укажа на фактот дека Македонија има договори за слободна трговија со сите земји во Европа вклучувајќи ги државите од ЕУ, но и надвор од неа, со членките на ЕФТА, Украина, Турција. – Тоа значи дека секој кој ќе произведе нешто во Македонија може да го извезе на пазар со 660 милиони потрошувачи. Многу компании надвор од Европа гледаат на нас како можност за полесен пристап до европскиот пазар, а голем интерес има и од повеќе други земји од Европа, рече Груевски.

Посочи и дека Македонија е земја со најниски трошоци за водење бизнис. – Нема друга земја во Европа која нуди пониски трошоци, вклучувајќи најнизок даночен пакет. Персоналниот данок е 10 проценти, данокот на приход е исто така 10 проценти, но само за компаниите кои го дистрибуираат профитот во дивиденда. Компаниите доколку нема да го поделат профитот како дивиденда плаќаат нула проценти данок. Две третини од компаниите во Македонија, вклучувајќи ги и домашните и странските, ја користат оваа поволност, истакна Груевски.

Додаде дека се направени и многу промени во образовниот систем, дека во мандатот на актуелната Влада средното образование стана задолжително и се отворени многу нови факултети со што високото образование, како што рече, им стана поблиско на младите луѓе.

– Ја намаливме цената за студирање на симболичен износ, а  светската стручна литература ја направивме достапна до студентите. Отворивме многу лаборатории за универзитетите, но и за бизнис заедницата. На секој ученик му обезбедивме компјутер во училиштето, рече Груевски.

Ги спомена и технолошко – развојните зони, но сепак, според него, најважното нешто е што Македонија има многу добра бизнис клима. – Направивме многу реформи и воведовме мерки за подобрување на состојбата во изминатите години, скративме многу бирократски процедури преку т.н. регулаторна гилотина во соработка со стопанските комори и компаниите од различни области. Како резултат на тие мерки Македонија ја подобри бизнис климата, како пример во 2006 година Светската банка ја рангираше на 94. место  на листата на Дуинг бизнис. Денес Македонија е на 25 место, многу подобро од 20 земји членки на ЕУ. Ниту една друга земја не направила такво брзо придвижување напред на листата на Светска банка. Македонија драстично ја подобри и својата позиција и на рангирањата што ги прават Форбс, Херитиџ и други организации. Македонија денес е на првото место во Европа, а на шесто во светот според рангирањето на централните регистри според Светска банка, истакна Груевски.

Спомена и дека Македонија е земја што инвестира многу во инфраструктурата, дека се работи и на гасификација на земјата. – Потпишавме договор за снабдување гас со Русија преку гасоводот Јужен поток кој ќе ни обезбеди многу поголеми количества гас и што ќе им помогне на компаниите да го развиваат бизнисот со поевтина енергија, рече Груевски.

Како позитивна карактеристика на Македонија ја посочи и почетната цена од едно евро за неизградено државно земјиште за изградба на индустриски капацитети, хотели, откупни центри за земјоделски производи.

На крајот Груевски ги покани германските бизнисмени да дојдат во Македонија и да се уверат во можностите за инвестирање што им ги нуди, ветувајќи дека Владата ќе направи се за да им помогне да ги реализираат своите бизнис планови.

Предностите за водење бизнис во Македонија и можностите за инвестициска соработка на форумот во Минхен ги презентираа и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Бизнис форумот во Минхен е четврти по ред што Владата го организира во соработка со угледниот Фајненшл Тајмс. Првите два беа во Лондон и Париз, во декември минатата година и третиот во Виена, завчера, во рамки на работната посета на премиерот Никола Груевски на Австрија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП