20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа сајтот на ЕЛЕМ специјален банер за „Луково Поле“

На сајтот на ЕЛЕМ специјален банер за „Луково Поле“

elem

АД Електрани на Македонија на својата веб-страница постави специјален банер на кој може да се најдат сите податоци за проектот „Луково Поле“, како и најпоставуваните прашања за системот и одговорите на нив.

Како едно од почесто поставуваните прашања се истакнува и дали водите од реката Радика ќе бидат третирани со овој проект? Во одговорот стои дека водите од река Радика веќе 60 години се третираат преку постојниот хидросистем „Маврово“.

„Вкупната количина вода што ќе се пренасочи од река Радика со системот „Луково Поле“ нема да биде поголема од 1,46 кубни метри вода во секунда, што претставува околу 6,5 отсто од просечниот проток во река Радика. Во таа насока, сосема е погрешно тврдењето на поединци и претставници на некои невладини организации кои пласираат тези дека реката Радика ќе исчезне или дека ќе биде целосно пренасочена кон Вардарскиот слив“, се вели во одговорот од АД ЕЛЕМ.

На прашањето, пак, дали во рамки на земјите од ЕУ има проекти од ваков тип, односно изградба на хидроелектрана во Национален парк, како пример најблиску до нас се посочуваат хидроелектраната во Националниот парк во Австрија – Кölnbrein dam; во Националниот парк Hohe Tauer во Швајцарија; Punt da Gall Dam, Graubuenden во Чешка; потоа Lipno Dam – Националниот парк, Sumana Dam Vranov- Националниот парк Podyji и др.

Во одговор на прашањето дали зафатот Пројфел или Длабока Река ќе биде вклучен во проектот „Луково Поле“ се истакнува дека во делот на заштитата на животната средина, доаѓа иницијативата за повлекување на зафатот Пројфел (Длабока Река) од целиот проект.

„Откако е согледано дека овој зафат може да биде изземен од проектот, донесена е одлука проектот „Луково Поле“ да се реализира без зафатот Пројфел што во основа значи дека пејзажот на кањонот на Пројфел (Длабока Река) ќе остане непроменет“, се нагласува во одговорот.

Едно од почесто поставуваните прашања, стои на сајтот, е и дали изградбата на „Луково Поле“ ќе има негативно влијание врз Дебарското Езеро? Во одговорот се вели дека изградбата на хидросистемот „Луково Поле“ нема да предизвика никакво негативно влијание врз Дебарското Езеро.

„Согласно официјалните податоците од АД ЕЛЕМ за период 1969-2012 за просечни годишни преливи на Дебарското Езеро со изгубената вода од тие преливи би се произвеле 54,136 GWh електрична енергија во ХЕ „Шпилје“. Значи дел од преливите од Дебарското Езеро, кои се изгубена и неискористена вода, ќе се искористат за производство на електрична енергија. Имено, со изградбата на системот „Луково Поле“ од вкупниот прелив во ХЕ „Шпилје“ систем „Луково Поле“ ќе користи 18,48 проценти, и ќе произведе 105,56 GWh“, се посочува во одговорот од ЕЛЕМ.

Како најчесто поставувано сајтот го посочува прашањето дали со проектот „Луково Поле“ се почитуваат критериумите за заштита на животната средина?

Во одговорот на ова прашање стои дека уште од од почетокот на подготвителните активности за реализација на „Луково Поле“ АД ЕЛЕМ работи според најстрогите меѓународни директиви и стандарди за животна средина и нема да дозволи било какво уништување на убавините на Националниот парк „Маврово“. Во таа насока се додава е изработката на Студија за оценка на влијанието врз животна средина што ја изработува реномирана француска компанија, а која наскоро ќе биде финализирана.

Во одговорот на прашањето дали реализацијата на проектот „Луково Поле“ ќе биде восогласност со меѓународните конвенции и дали постои загриженост од евентуални влијанија врз животната средина, се вели дека проектот ќе се реализира исклучиво во согласност со меѓународните конвенции за води, на кои Република Македонија е потписник, како и на повеќе меѓународни договори и директиви во таа област.

Се нагласува дека причина за загриженост од евентуални влијанија врз животната средина не треба да постои, бидејќи проектот е во законски рамки и сите преземени активности се во насока на реализација на квалитетен проект од јавен интерес во кој се запазени постојните еколошки стандарди согласно строгите меѓународни директиви.

Следното прашање е дали АД ЕЛЕМ досега има организирано јавни расправи за проектот „Луково Поле“, на кое следи одговор дека се реализирани повеќе и оти на сите учествувале сите надлежни државни институции, претставници на локалната самоуправа, невладини организации, здруженија на граѓани и претставници од Националниот парк „Маврово“.

На специјалниот банер на сајтот на ЕЛЕМ може да се најдат податоци и за придобивките од реализацијата на проектот „Луково Поле“.

На сајтот е појаснето дека хидросистемот „Луково Поле“ се наоѓа во северозападниот дел на Република Македонија на тромеѓето меѓу Македонија, Република Косово и Република Албанија и оти иницијалните идеи за негова изградба потекнуваат од далечната 1939 година.

Како главна причина за изградба на овој хидросистем е истакнато прелевањето на водата од изградените зафати на „Горна Радика“, а посебно на најголемиот зафат „Црн Камен“.

Се посочува дека проектот „Луково Поле“ е трета фаза од комплетирање на хидроенергетскиот систем Маврово, бидејќи со првата и втората фаза е изграден веќе постојниот ХЕС „Маврово“.

„Хидросистемот ќе биде надградба на постојниот Мавровски систем. Овој хидросистем се состои од доводни тунели и канали во должина од 13 километри, пет зафатни градби, акумулација и МХЕ „Црн Камен“. Проектот „Луково Поле“ вклучува изградба на акумулација со вкупен корисен волумен од 34.830.000 метри кубни вода, лоцирана на спојот на Корабскиот и Шарпланинскиот масив на висина од околу 1.500 метри. Поголемиот дел од зголеменото производство од овој хидросистем „Луково Поле“ ќе се реализира преку постојните Мавровски хидроелектрани „Вруток-Равен-Врбен“, а еден помал дел, преку новата мала хидроелектрана „Црн Камен“, стои на сајтот на ЕЛЕМ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП