28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовик за реализација на бизнис идеи во Гази Баба

Повик за реализација на бизнис идеи во Гази Баба

gazi baba opstina

Лицата заинтересирани да почнат бизнис до крајот на месецов може да достават пријави до Претпримачкиот сервис за млади (ПСМ) бизнис инкубатор, каде ќе поминат обука и ќе добијат помош за изработка на бизнис план.

За најдобрите три бизнис плана општина Гази Баба обезбедува бесплатни канцелариски простории во Бизнис инкубаторот и подмирување комунални трошоци во првите шест месеци од почетокот со работа.

„Општина Гази Баба за годинава согласно Програмата за локален економски развој планира да го продолжи проектот што веќе еднаш во соработка со ПСМ Инкубаторот го реализираше за поддршка на сите оние лица кои сакаат да почнат сопствен бизнис. Сакаме на сите граѓани кои сакаат да почнат бизнис да им помогнеме полесно да го стартуваат“, изјави градоначалникот на Општина Гази Баба Тони Трајковски, кој денеска престојуваше во просториите на Бизнис инкубаторот.

Тој ги повика сите заинтерсирани да ги искористат можностите од проектот и помошта што ја нуди Општината.

„По обуките и изработката на бизнис плановите ќе формираме Комисија што ќе ги одреди најдобрите три бизнис плана на кои ќе им дадеме поддршка за почеток, со просторија и сите комунални трошоци. Целта на проектот е да ги мотивираме граѓаните, особено младите, кои навистина имаат знаења и потенцијал како да почнат бизнис, да им го дадеме почетниот импулс и да очекуваме во иднина дел од нив да прераснат во поголеми компании кои ќе вработуваат лица“, наведе Трајковски.

Габриела Костовска Богоевска од ПСМ бизнис инкубатор информира дека обуката што се спроведува во Бизнис инкубаторот, е организирана во три групи.

„Обуката на правата група е завршена, во фаза сме на формирање на втората, а од наредниот месец или месецот потоа ќе биде формирана и третата. Обуките се одвиваат трипати неделно во попладневните часови. По нивното завршување, во мај или на почетокот на јуни, на кандидатите ќе им се даде можност да работат на својот бизнис план, по што ќе следи изборот на најдобриот“, изјави Костовска Богоевска.

Адријан Маријановиќ, сопственик на фирмата „Куќа креативно студио“ којашто почнала да работи во ПСМ бизнис инкубаторот со поддршка од Општина Гази Баба, оцени дека помошта што ја добил му помогнала за реализирање на неговата бизнис идеја.

„Првин работев сам, а потоа дојдов на обука за почнување бизнис. Тоа ми ги разјасни работите за тоа како да се почне, кои се важните работи, сметководоство, легалност на сите работи. Почнавме и сега работата оди добро. Поддршката што ја добиваме тука е добра, со добра екипа и флуид на различни бизнис модели, различни фирми повеќе од ИТ областа. Добро е што сме на едно место и може да се оствари соработка, да се измисли нешто ново“, изјави Маријановиќ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП