3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦарината заплени 24 тони фалсификуван шампон

Царината заплени 24 тони фалсификуван шампон

hs-sampon1331

Царинските службеници на граничниот премин Богородица, вчера околу 13 часот и 30 минути заплениле 81.984 парчиња фалисфикуван шампон за коса од позната трговска марка спакувани во 1.700 кутии со вкупна тежина од 24 тони, информира директорката на Царинска управа Наташа Радеска-Крстевска на денешната прес-конференција што се одржа на граничниот премин Богородица.

„При прегледот на документите и возилото царинските службеници забележале дека покрај несоодветниот транспорт, несоодветната рута на движење и ниската фактурна вредност на стоката, несоодветен бил и начинот и методот на кој биле спакувани шампоните. Постапувајќи по Законот за царински мерки за заштита на правата на интелектуелна сопственост бил известен носителот на правото кој при увидот го потврдил сомневањето дека се работи за фалсификувана стока“, рече Радеска-Крстевска.

Стоката е со потекло од Кипар, била претоварена на камион на пристаништето во Атина, со цел да биде транспортирана до Виена од каде што требало да биде дистрибуирана на западноевропскиот пазар. Доколку би се продавала како оригинал, нејзината вредност би изнесувала повеќе од 200.000 евра.

„Ова е една од најголемите заплени во изминатите години во регионот и е мотив повеќе за вложување поголем напор за справување со фалсификати и пиратерија“, нагласи директорката на Царинска управа,Наташа Радеска Крстевска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП